Нова димензија: Дали играле и пиштоли на полувремето на ракометниот меч во Приштина?
Никола Ѓуровски Репрезентација мажи
http://www.ekipa.mk/News.aspx?newsId=5695
Редакцијата на ЕКИПА.МК доби телефонски повик од загрижен родител на еден од македонските ракометните репрезентативци кој сакаше да остане анонимен, а открива дека на полувремето од мечот со Косово во соблекувалната им се заканувале со пиштоли.
„Јас сум загрижен родител на еден од младите македонски ракометни репрезентативци кои синоќа го играа мечот со Косово во Приштина. Сакам да ве замолам да објавите дека на полувремето им се заканувале со пиштоли во соблекувалната и дека барале од нив сигурно да го доиграат натпреварот и да загубат. Едноставно сум шокиран од зборовите на мојот син и размислувам дали воопшто да го пуштам и понатаму да игра ракомет. Ве молам да ме разберете, но не можам да го откријам мојот идентитет“, изјави загрижениот родител.
Редакцијата на ЕКИПА.МК во интерес на откривање на целосната вистина за се што се случувало на синоќешниот ракометен натпревар во Приштина меѓу младинските ракометни селекции на Косово и на Македонија одлучи да ја објави изјавата на анонимниот родител, но не може со сигурност да ја гарантира нејзината точност. Воедно, сакаме да ги повикаме сите сведоци, претставниците на РФМ кои беа во Приштина, членовите на стручниот штаб и самите македонски ракометари доколку најдат храброст, да ја потврдат или да ја демантираат ваквата вест.
На синоќешниот ракометен натпревар во Приштина, кој беше дел од турнирот по повод прослава на четиригодишнината од независноста на Косово, домашната ракометна селекција до 20 години ја победи Македонија со 28-17. На полувремето, ракометарите од Косово имале водство од 11-8.
Мечот го проследија големи скандали, палење на македонското знаме на трибините, како и голем број навредливи пароли за Македонија и за Македонците.