петок, 20 април 2012
, ?! | - kirilica.com.mk
Тројца бугарски адвокати на Даневски побарале од министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов да го заштити Даневски како македонски Бугарин
Сопственикот на агрокомбинатот Џумајлија, Зоран Даневски, бара да не биде екстрадиран во Македонија оти се чувствувал како бугарофил и со евентуалното негово враќање во државата ќе биле загрозени неговите човекови права, објави
Капитал. Тројца бугарски адвокати на Даневски побарале заштита дури и од министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов.
Окружниот суд во Благоевград следната недела ќе решава дали Даневски,
обвинет за проневера на државни пари, ќе биде екстрадиран во Македонија. Бугарскиот весник „Вера“, адвокатите на Даневски, Красимир Аршинков, Атанас Маскрчки и Емилија Дончева, пратиле барање лично до министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов, од кого бараат да го заштити Даневски како македонски Бугарин и чекаат одговор по службен пат. Според барањето, постои ризик од нарушување на неговите човекови права на политичка и етничка основа по изјаснуавњето дека е бугарофил.
Пред три дена во Окружниот суд во Благоевград, зад затворени врати, како сведок била распитувана и сопругата на Даневски, Соња Даневска. Обвинителката Весела Стоилова, во очекување на дописот и информациите од Министерството за надворешни работи, следното рочиште го закажала за следната недела, кога конечно треба да донесе се одлука за екстрадиција на Даневски. Очекувањата на одбраната се дека тогаш случајот ќе се финализира, освен ако не побараат собирање на нови докази за кривичното дело. Според информациите на бугарскиот весник, Зоран Даневски нема бугарски пасош.
-Рочиштето за случајот Зоран Даневски е закажано за 24 април, кога судот ќе одлучи дали обвинетиот ќе биде екстрадиран во татковината или ќе остане во Бугарија. Повеќе информации за случајот во моментов не можеме да дадеме - изјавиле од Окружниот суд во Благоевград за Капитал.
Од Министерството за правда на Бугарија потврдиле дека барањето за екстрадиција на Даневски е стигнато до Окружниот суд во Благоевград, кој е надлежен за случајот, и чекаат информација од нив.
Зоран Даневски беше уапсен во близината на Банско во Бугарија на 24 февруари, каде што случајно при редовна полициска контрола беше откриен дека се претставува со лажни документи. Тој имал документи дека е државјанин на Бугарија со адреса во Ќустендил, а при контрола на документите полицијата утврдила дека се работи за лажни исправи. По проверката на идентитетот утврдиле дека станува збор за македонски државјанин, кој се бара со меѓународна потерница. Поради лажната лична карта, тој беше обвинет за претставување со лажни патни исправи. Доби условна казна од 15 месеци.