Junge griechen und Makedonen gründen Aktionsbündnis und "nehmen die Zukunft in ihre eigene Hände"
Младите од Македонија и Грција ќе градат заедничка иднина
Македонија | 27. февруари 2011 - 11:44
Со цел земјите од Југоисточна Европа да имаат позитивна иднина, младите луѓе од регионот мора да соработуваат меѓусебно и да бидат создавачи на својата иднина – сметаат младите од Македонија и Грција
„Контакти за заедничка иднина“ – беше темата на семинарот кој викендов се одржа во Крушево, а на кој учествуваа 40 млади луѓе од Македонија и Грција. Овој семинар е финансиран од страна на фондацијата „Фридрих Еберт“ и Маршаловиот план на САД за Германија.
„Младинските организации од Македонија и Грција, иако соседни земји, многу повеќе соработуваат со организациите од Хрватска, Словениа, БиХ, Германија, како и од други европски земји кои се стотици километри оддалечени од нашите земји“, вели Методија Стојчески, претседател на Младинскиот Сојуз од Крушево. Затоа, според него, крајно време е да се надминат стереотипите кои се политчки базирани и да се започне со соработка на теми од заеднички интерес кои целат кон заедничката иднина.
Иницијатрите на семинарот сметаат дека нашите две земји треба да го следат примерот на Франција и Германија во надминување на стереотипите каде се започнало на сличен начин, преку младински проекти до рушење на предрасудите на национално ниво.
„Иако Грција е земја – членка на ЕУ и НАТО, таа не може да има просперитет доколку нема стабилно соседство.Земјите на Балканот функционираат на принципот на сврзани садови, па така проблемите се прелеваат од една кон друга соседна земја“, вели Стојчески и како примери ги посочува проблемот со работната сила која доколку не најде работа во нашата земја неретко се одлучува тоа да го побара на пазарот на трудот во соседна Грција, како и проблемите во еколошката сфера.
Учесниците на семинарот ги поздрави и Конзулот на Грција во Македонија, Маркос Триполитакис кој истакна дека ваквите контакти се корисни и за двете земји, како и дека тие секогаш рефлектираат и позитивна клима на политичко ниво.
Ваквиот тип на средби водат кон спријателување, градење на добри меѓучовечки односи и деловни врски помеѓу младите од двете соседни земји – сметаат учесниците.
Овој семинар беше прв од двата, кои се заеднички организирани од страна на Младинската Алијанса од Крушево и Младинскиот клуб на УНЕСКО од Солун, Република Грција. Вториот семинар е предвидено да се одржи во Солун во текот на месец Мај оваа година.
BRAVO!!!