http://vecer.com.mk/?ItemID=87F1A7F33EF1B94BBFCC09AA9790082E
СТЕФАН ВЛАХОВ МИЦОВ ВО НОВАТА КНИГА "ХЕРОИТЕ И ПОТОМЦИТЕ"
Во Библијата јасно се разграничуваат Македонците од Грците
Зошто Македонија е библиска земја? Основниот одговор на тоа прашање е: Затоа што многупати се споменува во Библијата, вели Мицов, во книгата со предговор од претседателот на ДПМ, Раде Силјан
Во морето од книги за Македонија деновиве се појави уште една од познатиот автор Стефан Влахов Мицов. По "Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет" и "Вируси за поматени мозоци", овојпат Мицов говори за "Хероите и потомците", во книга со предговор од претседателот на ДПМ, Раде Силјан. Во 75 текстови во ова дело акцент е ставен на историјата на Македонија и на судбината на Македонците низ вековите, од римско време до 20 век.
"
Зошто Македонија е библиска земја? Основниот одговор на тоа прашање е: Затоа што многупати се споменува во Библијата", вели Мицов, не застанувајќи на веќе познатата максима. Тој продолжува: "Сте помислиле ли зошто Апостол Павле ја избира Македонија за да ја проповеда христијанската вера? Во поглавјето "Апостолски дела" на Новиот завет, причината алегорично е објаснета: И на Павле му се јави некое видение: Некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: Дојди во Македонија, помогни ни!", опишува Мицов. Тој вели и дека во главата "Апостолски дела" на Новиот завет, во која се раскажува за патувањата на Апостол Павле, "
не само што јасно се разграничуваат Македонците од Грците и Грција (Ахаја) од Македонија...". Тој прави и интересна паралела со некогашен Рим и денешна ЕУ.
"
И односот на ЕУ спрема денешната македонска држава е ист како односот на Рим спрема Македонците пред две илјади години. Единствено има разлика во тоа што тогашниот Рим сосила ја завладува Македонија, а сегашната ЕУ сака македонската држава сама да се обезличи", коментира Влахов Мицов во делото оценето од Раде Силјан како книга напишана од автор со голема животна и научна наобразба и опит.
Во Бугарија богатите побогати, сиромашните посиромашни
"Одете во Бугарија и ќе видите дека богатите станаа уште побогати, а сиромашните уште посиромашни, отколку што беа пред 2007 година. Просечната плата и животниот стандард на бугарските граѓани се пониски отколку во Македонија, а бројот на невработени статистиката го крие и таа објавува фалшливи податоци", вели Мицов во краткиот оглед за Бугарија пред и по примањето во ЕУ.