Das Talent aus Mazedonien das die Welt erobert!
Andrej Stojanovski, Jahrgang 1994, ist die mazedonische Schwimmhoffnung, in den letzten 10 Jahren räumte er Regelmäßig in allen Alterskategorien Auszeichnungen und Preise ab!
Македонскиот талент кој го освојува светот
Среда, 28 Септември 2011 11:29
Пливањето е неговиот живот. Успесите кои ги постигнува и освоените медали се негова мотицивација да продолжи и понатаму да се бори да се слушне неговиот глас-гласот на успехот и амбицијата.
Седумнаесет годишниот Андреј Стојаноски од Скопје веќе 10 години во водите на базенот постигнува извонредни резултати, не само на државно, туку на европско и меѓународно ниво.
Овој млад човек несебично го дава својот максимум за постигнување на лични и државни успеси.
Дека е спортист од висока категорија говорат многубројните медали и пехари. Минатата година Андреј е прогласен за најдобар пливач на летното и зимското државно првенство во кадетска категорија.
Неговите успеси не познаваат граници. На Олимпијадата за глуви која пред две години се одржа во Тајпеј, Андреј за Македонија го освои 12-то место, по што сосема заслужено од Агенцијата за млади и спорт доби „Спортски оскар“ за телесно инвалидизирани спортисти.
Од Европското првенство во Германија, одржано минатата година, Андреј се врати дома со освоено петто и шесто место. Успех има постигнато како кадет, натпреварувајќи се со сениори
Неговите амбиции и желбата за успех никогаш не запираат. Андреј продолжува да се бори и понатаму за прогрес на неговите резултати.
- Оваа година настапи на Светско првенство за глуви во Португалија. Пливаше во две финални трки, на 200 метри беше осмо пласиран, а на 1.500 метри освои седмо место. Таму беше забележан и од организаторот на Меѓународниот комитет за глуви, при што му доделија награда како најмотивиран пливач за постигнатите резултати и вниманието што го обрнал на себе со настапите на Светското првенство, истакнува Никола Стојаноски, таткото на Андреј.
Како член на Пливачката федерација на Македонија и на Спортската федерација за глуви и наглуви, Андреј има постигнато високи резултати претставувајќи се како дел од македонската репрезентација.
На Централното европско првенство одржано во Белград, тој го постигнал најдобриот резултат од сите кои настапувале од Македонија.
Високите пласмани се резултат на напорни тренизни и строг режим на исхрана. Андреј денот го започнува во 5 часот наутро, со двочасовен тренинг, по што оди на училиште.
По завршување на училишните обврски следува кондиционен трениг и повторно тренинг во базен.
За големата амбиција која ја има овој млад спортист , потребен е многу труд и напор. Андреј заслужува да добие поддршка која понатаму ќе му го отвори патот кон успехот, како спортист од меѓународна категорија.
- Се надевам дека сега со последните резултати што ги постигна на Светското првенство за глуви, дека конечно го сврте вниманието на себе и очекуваме дека сега ќе биде реално рангиран во Агенцијата за млади и спорт со тоа што се надеваме на таа стипендија и категоризација за спортист од меѓународна категорија, нагласува Стојаноски.
Агенцијата за млади и спорт една година го стипендирала Андреј преку стипендијата „Спортска надеж“, а од Министерството за образование и наука бил еден од стипендираните средношколци спортисти. Во 2010 година Град Скопје му додели плакета за најдобар спортист.
За учество на Олимпијадата, Андреј има исполнето 9 норми, што говори за неговата заложба и желбата за успех.
- Досега тој има испливано 9 норми, а колку што ми е познат Законот за спорт, таму јасно стои дека доколку некој спортист има норма, државата е должна да му обезбеди подготовки во периодот што доаѓа, во циклус од две години, нормално опрема и учество, посочува таткото на Андреј.
Успесите на Андреј не застануваат со освоените медали и пехари. На Светското првенство во Португалија кое се одржа пред еден месец, нашиот млад спортист ја претстави државата под своето уставно име. Андреј беше најавен и се натпреваруваше како учесник од Република Македонија.
Огромните успеси, мотивацијата и желбата за успех кај овој млад човек не стивнуваат. Поддршката за него и неговото семејство е добредојдена. Со само 17 години, низата успеси говорат за неговата посветеност.
Андреј нè испрати со пехарот и македонското знаме во рака, со огромна надеж дека во иднина неговите успеси ќе бидат се поголеми, но и со амбиција дека по завршување на кариерата своите искуства како тренер ќе може да ги пренесе на голем број идни спортисти.
http://kurir.mk/makedonija/vesti/43742-Makedonskiot-talent-koj-go-osvojuva-svetot