МВР апелира на воздржаност од шпекулации за синоќешното убиство
петок, 13 април 2012, 14:07
Министерството за внатрешни работи апелира на воздржаност од шпекулации во врска со синоќешното грозоморно убиство во атарот на скопксото село Смиљковци и повикува секој кој има каква било информација поврзана со злосторот да ја пријави во полиција.
- МВР интензивно трага по сторителите и по утврдување на мотивите за убиството. МВР изразува длабоко сочувство до семејствата на убиените и апелира да се смират страстите, медиумите да се воздржат од шпекулации и да не се подгреваат меѓуетнички тензии, стои во дописот на Министерството.
За целосно расчистување на петкратното убиство, МВР формирало оперативен штаб со највисоки старешини од повеќе единици кои ќе ги координираат активностите.
Се уште е во тек полицискиот увид на поширокото подрачје околу местото каде што се случило убиството и се собираат информации и сознанија во околните места.
Телата на петтемина убиени утрово беа предадени на обдукција во Институтот за судска медицина и оттаму се чека потврда за нивниот идентитет.
Засега е познат идентитетот на еден од нив, 45-годишниот Борче Стефковски од село Црешово. Другите четворица се на околу 20 години, неофицијално од општина Бутел.
Синоќа околу 22 и 30 часот рибари ги виделе труповите покрај вештачкото езеро и пријавиле во полиција. Тие имале видливи рани од огнено оружје и чаури околу нив. Возилата се земени од местото на убиството заради вештачење од крим-техника.