СДСМ НЕ ГО ПОДДРЖУВА ЉУБОМИР ФРЧКОВСКИ ВО СТАВОВИТЕ ЗА ШИРОКА ВЛАДА И ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ
Бранко се дистанцира од Фрчко
Лидерот на социјалдемократите вели дека се работи за личен став на универзитетскиот професор со кој партијата не се согласува. Сомнеж за искреноста на ставовите на Фрчковски изразуваат поранешниот претседател на партијата Владо Бучковски и аналитичарите во анализата на албанскиот дневен весник "Коха"
- Изјавата на Љубомир Фрчковски за албанската телевизија Top Channel за формирање на коалициска Влада во македонија составен од четирите најголеми политички партии и збор на премиер по принцип на ротација со избор и на премиер Албанец, е негов личен став со кој партијата не се согласува. Сметаме дека проблемите во Македонија не треба да се решаваат на тој начин, рече на вчерашната прес-конференција лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Фрчковски беше претседателски кандидат на социјалдемократите на последните претседателски избори и се јавува како редовен критичар на политиките на владата. Тој беше министер за внатрешни работи кога се случи полициската акција на Бит пазар и инцидентите во Гостивар во 1997 година.
Албанскиот дневен весник "Коха" вчера излезе со анализа во која ставот на универзитетскиот професор се толкува како фрлена јадица за Албанците. Меѓу оние кои сметаат дека ваквата идеја на Фрчковски не може да се реализира е поранешниот претседател на СДСМ, Владо Бучковски, кој е еден од најгласните за промени и демократизација на најголемата опозициска партија.
- Според мене тоа не е можно и мислам дека Македонија треба да се соочува со реалноста. Реалноста е дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе останат на власт без разлика дали ќе започнат преговорите со ЕУ и дали ќе влеземе во НАТО, вели Бучковски.
И аналитичарите со кои се консултира "Коха" изразуваат сомнеж за намерите на Фрчковски и позадината на неговиот предлог. Исто така се споменува и дека неколку пати СДСМ како партија неколку пати се обидувала да ја приграби власта со додворувачка политика кон етничките Албанци. Тезата дека СДСМ се обидува да формира влада со премиер Албанец по секоја цена, беше актуелна и за време на парламентарните избори.
- Не е јасно дали зборува во име на СДСМ или само како личност, универзитетски професор и познавач на материјата. Остава простор да се разбере дека може да биде идеја лансирана од СДСМ но преку посредник. Да видиме дали албанските политички партии ќе се фатат на една таква јадица и дали ќе се подготват за еден таква акција. Лично јас мислам дека е една манипулација со дневната политика за да се покаже рејтингот на СДСМ, вели Алајдин Демири.
ЛИДЕРОТ НА СДСМ СО АНАЛИЗА НА ПРВИТЕ СТО ДЕНА ОД РАБОТАТА НА ВЛАДАТА
Црвенковски го прекина молкот
Политиката на стагнација и самоизолација прерасна во политика на конфронтација со ЕУ, а Брисел е на списокот на виновници и противници на Македонија. Нема активни мерки за намалување на невработеноста и сиромаштијата, нема инвестиции и продолжува задолжувањето на државата. Вака лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, гледа на работата на Владата во првите сто дена. Смртта на Мартин Нешковски, апсењето на Љубе Бошковски, рушењето на станбено-деловниот комплекс Космос", злоупотребата на процесот на лустрација и затварањето на А1, "Време", "Шпиц" и "Коха е ре", амнестијата на Хашките случаи и прекинот на пописот, според Црвенковски се само дел од постигнувањата" на Владата. Тој на вчерашната прес-конференција рече дека завршуваат стоте дена молк на опозицијата, но очекува работите во државата да одат во надолна насока со забрзано темпо.
Тој најави дека ќе ги користи сирте демократски средства за борба против власта вклучувајќи ги и предвремените избори како опција.
Реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека Црвенковски излегува со истите тези од пред шест месеци, а во меѓувреме ги загубил изборите.
- Црвенковски со истите тези од пред шест месеци иако ги загуби изборите. Се се менува околу него, само не СДСМ и тој самиот. Спроведуваме политики за подобар живот на граѓаните и оставаме тие да судат за постапките на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.