Со слика од Плаошник Албанија привлекува туристи во Подградец
http://vecer.com.mk/?ItemID=837D60A11AB07E4D849B651DEA12B0D3
ВЕЧЕР пред седум години откри дека на официјалната страница на туристичката асоцијација на Албанија, под сликата на Плаошник стои дека е христијанска базилика пронајдена во околината на овој албански град. Состојбата до денес е непроменета
Управата за заштита на културното наследство ќе испрати писмена реакција до Албанскиот институт за туризам и развој на животната средина и асоцијацијата на Албанскиот туристички водичи за да ја отстранат фотографијата на Плаошник која е ставена на официјалната веб страница за промоција на албанскиот туризам њњњ.унитед-албаниа.цом. На реакција на ВЕЧЕР ќе реагира и локалната група за туристичка промоција на Поградец, од каде ветија дека ќе ги известат надлежните да ја исправат оваа голема неправда.
- Јас прв пат ја гледам оваа страница и гледам дека навистина под сликата на Плаошник се рекламира мојот град. Ви ветувам дека уште утре ќе разговарам со моите колеги од Поградец за да видам за што станува збор, се надевам дека е грешка која многу брзо ќе се исправи, вели Мимоза Шули, координатор на групата за туристичка промоција на Поградец, која вчера присуствуваше на промотивната изложба на заедничка туристичка понуда со Крушево.
Дека е грешка која седум години никој не ја забележал, смета и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.
- Не сакам да верувам дека е намерно, но направен е голем гаф кој доведува до заблуда. Ние уште денеска ќе испратиме допис до нашите колеги од Албанија и се надевам дека грешката набрзо ќе биде исправена, вели директорот на Управата, Паско Кузман. Тој појаснува дека слична базилика со четири апсиди има кај селото Лин во близина на Поградец, но ни од далеку не е иста како охридски Плаошник.
Како што ВЕЧЕР неколкупати досега информираше, на официјалната веб страница Албаниан Тоурист Гуиде стои фотографијата од македонскиот монументален средновековен споменик - црквата Свети Климент на Плаошник. Фотографија која ВЕЧЕР сосема случајно ја откри, аплицирана до текстови кои се преземени од Албанскиот институт за туризам и развој на животната средина.
Единствениот коментар кој го добивме тогаш беше од претседателот на Туристичкиот сојуз на Скопје Ангел Иванов, кој изјави дека "овој непрофесионален, нестручен, аналфабетски електронски гаф не смее да помине туку така" и дека случајот мора подробно да се испита, па потоа соодветно и да се реагира. Дотолку повеќе што Плаошник е црква заштитена од УНЕСКО и никој не смее ниту има право да го пробие тој оклоп