Новинарот Момироски e закана за грчката безбедност- затоа е спречен да влезе во Грција
Со образложение дека претставува закана за јавната и внатрешната безбедност на Грција, по двочасовно чекање на македонско грчката граница на преминот Меџитлија новинарот на Канал 5 ТВ Горан Момировски е вратен од грчките гранични служби со објаснување дека немаат дозвола од грчкото министерство за внатрешни работи да му дозволат влез во Грција.
Момироски кој во Грција патуваше приватно, без камера или друга телевизиска опрема, уште кога се појавил на границата и му го предал пасошот на полицаецот тој го препознал врз основа на списоци кои ги имал пред себе. По ова тој веднаш го повикал шефот на граничната полиција кој му кажал дека тие не можат да донесат одлука да ја премине границата.
Момироски објаснува дека грчката погранична полиција коректно се однесувала со него. Му објасниле дека пред еден месец добиле наредба од Министерството за внатрешни работи во Атина дека штом Момироски се појави на граница веднаш треба да испратат известување до Атина и да го пуштат да влезе во Грција само доколку тоа го дозволи министерството. Одговорот од Атина бил дека нема дозвола за влез во Грција.
,,Според документот што го добив од грчките погранични власти јас како новинар на Канал 5 ТВ претставувам закана за јавната и внатрешната безбедност на Грција. Овој документ беше издаден откако официјалните претпоставени на грчките полицајци на граничниот премин Ники добија наредба од Атина од министерството за внатрешни работи дека јас не треба да влезам во Грција поради тоа што претставувам закана, изјави Момироски.
Во меѓувреме му било кажано и дека нема комплетна документација.
,,Пишува исто така и дека не сум доставил соодветни документи при влезот во Грција. На мое прашање бидејќи влегувам како цивилно лице без опрема без камера без никаква телевизиска друга опрема ми рекоа дека само таква била наредбата од Атина и мора да ја почитуваат. Не знам до кога е рокот, иако вербално ми беше кажано дека се работи за краток период кој наскоро ќе заврши, вели Момироски.
Момироски на 16-ти август годинава беше приведен во полициската станица во Лерин заедно со новинарка на Вест под сомнение дека снимале јавен простор во општината во Лерин додека ги придружуваа Македонците со потекло од леринско кои сакаа да предадат апликации за добивање изводи од матичната книга на родените. И двајцата сепак беа пуштени откако им беа прегледани снимените материјали и било утврдено дека не го направиле кривичното дело за кое биле приведени.