Killers in Smiljkovci were trained professionals
Убијците кај Смиљковци биле истренирани професионалци
Според тоа што наши психијатри и психолози можат да го заклучат за сторителите на убиството кај Смиљковци, станува збор за психопати, за бездушни луѓе што имаат нарушена личност, но луѓе што се пресметливи, кои точно занеле што прават и кои се кривично одговорни
Психолошки профил на злосторниците
Убијците на петте рибари кај скопско Смиљковци се психопати, кои се лесно сугестибилни, па лесно може и се инструираат, не фатиле првпат оружје во рака, професионално се истренирани да пукаат и знаат каде да го сторат тоа кога сакаат или треба да убијат, а секако не пукале во афект, туку со цел. Вака психијатри и психолози со кои разговаравме се обидоа да го искројат психолошкиот профил на убијците кај Железарско Езеро, врз основа на информациите што досега и се познати на пошироката јавност.
- Згрозен сум како и сите. Тоа се луѓе што немаат морал, совест, немаат сочувство или, пак, се нелуѓе. И ѕверот не убива ако не е гладен. Кај нив недостига суперего, корективниот елемент од личноста - вели проф. д-р Антони Новотни, директор на Клиниката за психијатрија во Скопје.
Искусни убијци
Психијатарот д-р Зора Митиќ објаснува дека од официјалните информации што стигнаа до јавноста може да се заклучи дека не станува збор за психички болен или психички болни луѓе, туку за психопати.
- Психопатијата е нарушување во структурата на личноста при нејзиното формирање и тоа се случува поради различни фактори. Прво може да биде поради генетичка предиспозиција, потоа поради услови во семејството, а и поради социјалната средина. Психопатите имаат недостиг од емоции или проблеми со нив. Тие имаат извртена слика за тоа каков треба да се биде - рече д-р Митиќ.
Таа објаснува дека тие немаат чувство за сомилост, топлина, човечност, етичност, морал, љубов и кај нив на прво место преовладува личниот интерес.
- Моја претпоставка за овој случај е дека се работи за психопати кај кои на некој начин структурата на личноста соодветствува со начинот на кој живеат и функционираат. Она што досега официјално го знаеме наведува на помисла дека овие луѓе имаат искуство за вакви акти, дејства - додава д-р Митиќ.
И психологот и психотерапевт Милка Ололоска смета дека личноста на убиецот или убијците има психопатска или социопатска структура. Тоа не значи дека тие се непресметливи. Нив, вели таа, ги гони законот, а психијатриското третирање и ресоцијализацијата не даваат резултати или, пак, тие се многу мали.
- Не може да е здрава личност некој што убива луѓе што си фаќаат риба. Но тоа се личности што не може да се стават на место на жртвата, немаат ниту најмал процент на емпатија, а интелигенцијата не им е ограничена, свесни се за делото - вели Ололоска.
Може да бидат секаде
Делото, објаснува Ололоска, е позната цел за нив и не се грижат што тоа ќе побуди кај средината. Единствена цел им е да му нанесат зло на оној што ќе го одредат како жртва.
- Овие луѓе не се грижат за последиците од нивните постапки. Казната не ги тангира и таа може да им биде работа на престиж. Едноставно, казната кај нив нема ефект, па ресоцијализацијата кај ваквите луѓе или не функционира или многу малку функционира - изјави нашата соговорничка.
Ололоска објаснува дека се работи за многу сугестибилни луѓе.
- Лесно потпаѓаат под туѓа сугестија, што значи дека може да бидат лесно инструирани. Или да функционираат како роботи по наредба „оди направи го тоа“ - вели таа.
Според неа, официјално потврдените информации за убиството наведуваат на заклучок дека се работи за луѓе што имаат искуство со оружје.
- Прво, имале оружје. Ако држиш оружје, значи дека имаш цел. Второ, знаеле како да пукаат. Тие точно центрирале во горните делови на телата. Значи, не фатиле пиштол во рака првпат во животот. Трето, лаик не пука на ист начин кај четворица или петмина. Потоа, овде не се работи за афект. Затоа што тој што е во афект, би пукал многу истрели, па еден ќе погоди. Овде, по сѐ изгледа, се работи за обучени и истренирани убијци што имаат искуство со оружје. Звучи стравотно, особено за семејствата на жртвите, но по стореното дело овие луѓе може да си седнат и на мир да ручаат, па дури и да запеат некоја песна - објаснува нашата соговорничка.
Психолошкиот профил што таа го опиша вели дека не може лесно да се препознае во околината.
- Тоа ви е лотарија. Може да седат и до вас во автобус. Со такви, подобро да имате среќа да не влезете во кавга - заклучува Ололоска.
Инаку, според последните информации од МВР, убијците оставиле многу траги, а на десетина километри од местото на злосторството пронајден е автомобил „опел омега“, за кој постојат индиции дека бил користен за време на злосторството. „Опелот“ имал регистарски таблички од друго возило, најверојатно од постар модел на „мерцедес“.
Она што досега се знае, а го изнесе министерката Гордана Јанкуловска, е дека момчињата се убиени од три видови оружје и во нив било пукано од три страни. Досега, според Јанкуловска, се сослушани над сто лица, но никој не бил уапсен. Министерката патем ја отфрли шпекулацијата дека убиените биле сведоци на некакво кривично дело поради што биле убиени.
Има извесни шпекулации дека, наводно, близу местото каде што се убиени Цветан, Филип, Александар, Кире и Борче имало уште еден очевидец, кого убијците не го забележале и дека полицијата во тајност го чува неговиот идентитет. Но таквите сознанија никој не ги потврдува.
- Во интерес на истрагата во моментов не можеме да поделиме повеќе детали со јавноста - велат од МВР.