УСВОЕН ДУП-ОТ "СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА"
Јужниот булевар под земја, над него згради и трговски центри
Јужниот булевар ќе се гради пет метри под земја, а на местото на сегашната улица ќе се градат дваесеткатници. Оваа промена е предвидена со новиот детален урбанистички план "Стара железничка", кој го усвоија советниците во Општина Центар, по втор пат откако падна на Уставен суд, оти беше донесен по скратена постапка.
Подземната улица треба да ја гради инвеститор, кој за возврат ќе го добие земјиштето над сообраќајницата. Град Скопје треба да го најде инвеститорот, кој ќе добие површина за градба од 213.000 квадратни метри, каде што ќе може да гради станбени објекти, трговски и деловни центри. Максималната висина на објектите е 20 ката плус приземје, што е дури за 18 ката повеќе од првичниот план, кој падна на Уставен.
За пристап до Јужниот булевар ќе се градат и три кружни тека, и тоа два кај постојниот подвозник на улицата Бихаќска и еден на крстосницата на Водњанска со улиците Железничка и Народен фронт.
Планот предвидува и изградба на трговски центар на паркингот меѓу Музејот на Град Скопје и ТЦ "Рамстор". Тој треба да биде со фасада и висина како што изгледа Старата железничка станица, која, пак, е предвидено да се реставрира. Покрај трговски центар, измените на планот предвидуваат и изградба на катна гаража зад "Рамстор".