Кој ја прекројувал историјата во Егејска Македонија!?
Соседите ни говорат дека во недостаток на своја сме позајмувале туѓа историја и ни го оспоруваат името, јазикот, црквата, ни го оспоруваат идентитет. Најгласни во тоа се Грците со кои се води дводециниски спор околу името. Под притисок моравме да го смениме знамето, да ја прифатиме референцата ПЈРМ и да преговараме за име во кое би требало да има географска одредница. Божем да се разликува од нивната провинција Македонија.
А зарем вака не се разликуваме. Зарем постојат две држави кои имаат исто име и мораат да преговараат за додавки и придавки со кои би се разликувале пред меѓународната заедница. Во овој случај имаме само една држава која носи уставно име Република Македонија и друга провинција Македонија со три едминистративни единици во склоп на држава која ниту има исто име туку едноставно се вика Република Грција. Каков спор за име може да постои меѓу две држави со различни имиња.
Но дрскоста на Грците не застанува тука. Условувани со влез во НАТО и ЕУ, Грците се обидуваат да ни кажат кому и каков споменик да изградиме, какви имиња ќе им дадеме на аеродромите, стадионите и низа други објекти или организации. Сегде, ама баш сегде, сакаат да бидат кумови.
Единствено нам ни се закануваат и не оптужуваат дека им ја присвојуваме античката историја, за која Грците сметаат дека имаат екслузивно право. Вистинска какафонија од закани од страна на грчките политичари имаше при поставувањето на споменикот на Александар во Скопје. Такви споменици секој може да изгради па и Бугарите, Србите Ирачаните, но никако Македонците. Како Грците да не сакаат да разберат дека Македонците градат и одаваат пиетет на личности кои се дел од светското културно наследство, а не ги уништуваат веќе постојните со што би се избришале било какви траги од т.н. грчка цивилизација.
Додека Грција се заканува и ја попречува Македонија во евроатланските интеграции, Европа која има полна уста за демократија и бара од нас да градиме мултиетничко општетсво во кое равноправно ќе бидат застапени малцинствата, лицемерно се однесува и молкум ја подржува грчката национал-шовинистичка политика. Во нејзината политика кон македонскиот народ, како ништо да не се изменило во последните стотина години.
Во 1913 година тогашните големи европски сили, а денес членки на ЕУ, го дозволија распарчувањето на Македонија, а потоа молкум и геноцидот врз македонскиот народ во Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија. Денес истите тие преќутно ја дозволуваат деструктивната политика на Бугарија и Грција кон македонското малцинство иако се нејзини членки. Посебно е чуден толератниот однос на ЕУ кон Грција и нејзината политика кон македонското прашање.
Да се навратиме само на настаните кои се случуваа во помеѓу двете Светски војни во Егејскиот дел на Македонија. По првата светска војна, основна задача на Атина беше без избирање на средства и начини, етничкиот состав на населението во Егејска Македонија да се измени, Со договорите меѓу Грција и Бугарија од 27 ноември 1919 година и Грција и Турција од 17 јануари 1923 година за размена на население, беше изменет етничкиот состав. На најбрутален начин им беше одземан имотот на Македонците и Турците, а народ беше иселен. На нивно место беа населени повеќе од пола милион Грци од Мала Азија. Македонците што останаа во Егејска Македонија постојано беа изложени на притисоци, политички игри и терор на нацинал-шовинистичките организации кои беа под покровителство на грчката влада.
Под притисок на меѓународната заедница,.Атина со договорот од 29 септември 1924 година, македонското население официјално го призна како “бугарско национално малцинство во Грција”. Иако грчкиот парламент не го ратификува, најголема корист од овој договор извлече бугарската страна која доби официјална потврда дека македонското население во Егејска Македонија е “бугарско”!
Но, дека Грција не го мислела тоа озбилно и си играла со меѓународната јавност покажа договорот од 17 август 1926 година, кој претставува нова драма за македонскиот народ. Сега со овој договор кој го склучи диктаторот Пангалос со југословенската влада, Македонците во Грција од “бугарско национално малцинство во Грција”, стануваат „српско малцинство во Грција“!
Преименувањето на Македонците, најпрво во Бугари а потоа Срби, ништо не промени во обидите на Атина да го избрише македонскиот народ од лицето на картата во Егејскиот дел на Македонија. Затоа Атина почнала да ги користи сите средства, како закани, принуди, убиства. По наредба на Атина, војската добила посебна задача да ги избрише сите траги од постоење на македонскиот народ на просторот на Егејска Македонија. За тоа најдобро зборуваат војните извештаи. Во извештајот за општата состојба на селото Арменско (Арменохори) од 25 јануари 1932 година (Документи, Том II, Скопје 1981, АМ. – Ф. Димитар Влахов. К. 21. А.Е. 86.), пешадискиот поручник Дим. Камбурас во Флорина (Лерин) ќе забележи:
„Во преградата што го двои одделението за жени во црквата најдов три мали икони со бугарски натпис, ги симнав, и ги праќам во прилог. Двајца (свештеници) имаат најелементарно образование, а нивната свест е чисто бугарска. Овој (свештеник) секој лесно ќе го познае по неговиот изглед кој е сосем сличен на монголскиот, дека во душата е Бугарин…
Дел VIII. Доверливи лица: ниту еден од домородците не може да се употреби како доверлив бидејќи мнозинството се бугараши…
Дел X. Разно. Со вчудовидување слушнав децата на бегалците да зборуваатбугарски Ова ме принуди да го преземеме следново:
1. Поради нервозата што ме опфати и која уште повеќе ми се зголемува кога го слушнав селскиот претседател да зборува бугарски, кој тој сака да го вика македонски, го удрив и му препорачав во иднина не само тој туку и на своите селани да им препорача секогаш и на секаде да зборуваат по грчки.
2. Сосема тајно ги повикав бегалците (грчки бегалци од Мала Азија) и, откако им ја опишав положбата овде, им препорачав да го избегнуваат учењето на бугарскиот јазик опширно опишувајќи им ги опасностите на кои можат да се изложат поради нивната случајна непромисленост.
3. Бегалците ми соопштија дека во општинската зграда во време на разните заседанија на општинскиот совет се употребува бугарски јазик поради што тие се принудени да си одат… Со еден збор кај домородците во селата владее до крајност противгрчки дух, мразејќи се што е грчко, и не препуштаат случај таа своја омраза да ја изразат.
Според мене најефикасен начин за асимилација е ако најзапалените како неподобни бидат протерани во туѓа држава.“
Самиот извештај на грчкиот пешадиски поручник Камбурас ни зборува кој ги уништувал пишаните докази. И кој ја прекројувал историјата. Исто така од него може да се види дека јазикот кој што го зборувал македонскиот народ не е бугарски туку го нарекуваат македонски, дека Македонците не се дојденци туку дека се домородно население и дека двата народи не живееле во љубов, туку Грците биле доживувани како окупатори.
Денес македонскиот народ има полно право на историската вистина. Но таа е погубна за грчката историја и за грчката држава. Оттука произлегуваат сите напори на Грците еднаш за секогаш да го замолкнат македонскиот народ и тој да исчезне од историската сцена.
Но тоа ниту некуму му успеало ниту ќе му успее.
Македонскиот народ постоел и ќе постои за век и веков.
Тихомир Каранфилов
http://makedonmagazin.mk/?p=905