„Т'га за југ“ и Галичко сирење како препорака за гледачите на Шведската телевизија
16.02.2012 - 09:34 | Бизнис
Во контекст на натпреварот за национален претставник кој ќе ја претставува Шведска на Изборот на песна на Евровизија, шведскиот дневен весник „Метро“ објави интервју со членовите на популарниот оркестар „Втора генерација“.
http://www.sitel.com.mk/dnevnik/biz...poraka-za-gledachite-na-shvedskata-televizija
Станува збор за оркестар основан од музичари од македонско потекло родени во Шведска, кој во изминатите години се здоби со широка популарност, меѓу другото со учеството на шведскиот натпревар за избор на претставник на Евровизија, т.н. „Мелодифестивален“.
Во интервјуто, членовите на „Втора генерација“ им препорачуваат на Швеѓаните специјалитети за подобро расположение додека го следат најгледаниот музички спектакл „Мелодифестивален“.
- Галичко сирење од мавровскиот регион во Македонија, тавче-гравче, ајвар, печени пиперки во зејтин, ракија од македонско грозје кое ние ја викаме Жолтиот ѓавол, како и вината „Александрија“ и „Т'га за југ“, препорачуваат, меѓу другото, членовите на „Втора генерација“.
Тиражниот весник „Метро“, спроед досегашното искуство, може значајно да ги поттикне љубопитноста и апетитот во пошироката шведска јавност, овојпат кон традиционалните македонски специјалитети. Но, за жал, ваков вид маркетинг на македонските брендови со потврден квалитет е вистинска реткост во Скандинавија. Македонско сирење во Шведска е апсолутна непознаница, а што се однесува до „Т'га за југ“, тоа вино, и покрај интересирањето и желбата на разни консументски групи, и понатаму го нема на рафтовите на шведскиот државен продажен монопол за алкохолни пијалоци, „Системболагет“.
Гледачите на шведската телевизија засега нема да бидат во можност да ја материјализираат интересната и привлечна препорака на „Втора генерација“, очекувајќи ги, можеби во блиска иднина, македонските производители и извозници да се појават на софистицираниот скандинавски пазар.