КОЈ ТОА КРАДЕ?
Пред неполн месец бугарскиот историчар Георги Марков од Бугарската академија на науките обвини дека наводно Македонија ја крадела бугарската историјата [1]:
„Скопје не само што ни ја краде историјата, туку и се потсмева на тоа“
Бугарската историчарка Нина Ѓулѓерева, пред околу половина месец, во изјава за Нова Македонија обвини дека Македонија ја присвојувала бугарската историја, градела споменици на бугарски историски личности и ги претставувала како свои [2].
Но ајде да видиме кој тоа всушност краде.
Ова е македонската песна „Една мисла имаме“, која што во 1996 година на македонскиот музички фестивал „Гоце Фест“, го освои првото место [3]:
Песната ја интерпретира македонскиот пејач Војо Стојановски, а текстот е на Владо Георгиевски [3].
Подалу можете да погледнете два од неколкуте бугарски плагијати на истата македонска песна.
Глорија - Сите Бугари заедно (Глория - Сите Българи Заедно)
Николај Учкунов - Каде и да одиш (Николай Учкунов - Къде и да одиш)
Ај што ја украле, па дури и бесрамно ја претставиле како бугарска народна песна (???).
За ваквиот музички плагијат и фалсификат, нивниот предок Аспарух, кој што го опеваат во плагијатот, сигурно сега се превртува во гробот.
Димитар од форумот Кајгана за ова прокоментирал [4]:
„
Уште химната да ни ја „преведат“ “
Како што се тргнало, може и тоа да го доживееме.
Не е таков случајот само со оваа македонска песна, туку и со низа други. Бугарски „музичари“ имат извршено кражба дури и на песната „Македонско девојче“ од 1964 година, чиј што автор е легендата на македонскиот мелос, Јонче Христовски [3].
Илија Миланов (Народна Волја) за масовната појава на плагијати во бугарските музички средини вели [5]:
„Плагијаторството набљудувано од секаков аспект е традиционална појава во бугарските културно-музички средини. Тоа е негативна, па дури и простачка појава, а нејзиното наличје е одраз на целосната духовна криза на општеството.
Последниве години плагијаторството во Бугарија достигна неверојатни размери. Потомците на бај Гањо ја стандардизираа оваа појава и таа беше воведена како препознатлива црта во бугарската (псевдо)музичка јавност...
...Сум бил сведок на неверојатни сквернавења на песни - бисери од македонскиот фолклор (и не само од македонскиот) и нивно искривоколчување во одвратни гнасотии, кои воопшто не личат на оригиналот и какви може да создаде само раката на антиталент. Има многу примери на македонски песни во кои е променето националното од нивните нови „творци“. И во времето на комунизмот се менуваа стиховите во кои се пееше за Македонија, за „македонскиот јунак“, за „македонската борба“, за „синовите македонски“ и сл., но за сквернавењето за кое во продолжение ќе раскажам, на секој нашинец ќе му се крене косата.
На бината поставена во центарот на Благоевград околу Коледе и Нова година (пред зградата на поштата), за време на сите празнични и претпразнични денови непрекинато се лееше македонска музика. Народот ја сака оваа музика. Таа е дел од неговата душа...
Во еден миг (тоа се случи на 27 декември попладне), срцето ми се растрепери кога ја слушнав мелодијата на познатиот хит од Војо Стојановски - македонската песна „Една мисла имаме“. Толку се израдував што минувачите ќе можат да го слушнат овој прекрасно исполнет бисер во кој се воспејува македонството и Македонија, што не можев ни да претпоставам дека само по неколку минути ќе останам целосно разочаран. Не! Малку е да се каже дека бев разочаран. Бев умствено парализиран, откако ги слушнав идиотски променетите строфи во сите делови на песната каде што се пееше за Македонците и за Македонија. Дрските фалсификатори во осакатената песна наместо: „Каде и да одиш/ Каде и да шеташ/Не се срами, не се плаши/Македонец да си...“, сега пееја: „Каде и да одиш/ Каде и да шеташ/Не се срами, не се плаши/ Б'лгарин да си...“ И понатаму, наместо: „Една мисла имаме/ Еден живот живееме/ Македонија цела да е/ Секој да ја знае...“, сега слушав „...Б'лгарија цела да е/ Секој да ја знае“.
Песната се пееше на македонски јазик, а постојано се повторуваа имињата: "Бугарија", "Бугарин" и други. Какво сквернавење!“
Иронично е што во поседниот период официјална Бугарија бара декларицијата од 22 февруари, 1999 година [6] да прерасне во договор, а при тоа тие истата таа декларација не ја почитуваат. Имено, во неа стои:
„Тие ќе се ангажираат во заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земjи.“
Колку тие ги заштитуваат авторските права е евидентно од посечениот пример со македонската песна „Една мисла имаме“.
[1] „
Бугарите обвинуваат: Скопје ни ја краде историјата“, Brif.mk, 16 ноември, 2012
[2] Фросина Димеска, „
Добар предлог на Бојко Борисов, ако Бугарија не поставува нови барања“, Нова Македонија, 29.11.2012
[3] Gjokomk, „
Бугари престанете со крадење Македонска Музика!!“, Gjokomk.com, 19 Август 2011
[4] „
К'де и да одиш “, форум Кајгана, 30 јули, 2007
[5] Илија Миланов, „
Бугарски фалсификат на песната од Војо Стојановски“ (Народна Волја, февруари, 2000), Македонско Сонце
[6]
Заедничка декларација 22 февруари 1999 година