Du verwendest einen veralteten Browser. Es ist möglich, dass diese oder andere Websites nicht korrekt angezeigt werden. Du solltest ein Upgrade durchführen oder einen alternativen Browser verwenden.
На втората фаза од проширувањето на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов ќе се работи летово
Градот Скопје го потпиша договорот за втората фаза од реконструкцијата и надградбата на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, а наскоро се очекува започнување на градежните активности, со кои таа ќе прерасне во булевар со по две ленти во секој правец и вкупна широчина на коловозот од 13 метри. Проектот предвидува проширување на потегот од крстосницата со улицата Франклин Рузвелт до вкрстувањето со улицата Московска кај студентскиот дом Гоце Делчев, во должина од 1.900 метри. Стариот асфалт од коловозот ќе се изгребе и ќе се замени со нов слој, ќе се постават нови тротоари, ќе се обнови постоечкото осветлување и хортикултурно ќе се уреди околниот простор. Од Градот Скопје засега не даваат никакви информации за тоа кога точно ќе започнат градежните работи на терен, ниту пак попрецизни информации поврзани со детали од самиот проект.
За втората фаза од реконструкцијата на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов од градскиот буџет ќе се издвојат 46.608.586 денари или околу 760.000 евра. Градежните работи ќе ги изведува компанијата „Транс Мет“ од Скопје која ќе треба целосно да го реализира проектот во период од 5 месеци. Во првата фаза од реконструкцијата на оваа сообраќајница се работеше на проширување на коловозот од улицата Мито Хаџивасилев Јасмин до свртувањето кон улицата Народен фронт и од улицата Костурски херои до улицата Франклин Рузвелт, со вкупна должина од 1.600 метри. На вкрстувањето помеѓу улиците Митрополит Теодосиј Гологанов, Мито Хаџивасилев Јасмин и Костурски херои беше изграден „турбо“ кружен тек, а за целокупниот проект градските власти издвоија 96 милиони денари.
ФОТО ВЕСТ: Градилиштата во Скопје го уништуваат околниот простор наменет за граѓаните
Ископани дупки во асфалтот, заборавен градежен шут надвор од градилиштето, расфрлани клинци на пешачки зони, непрописно оградени тротоари, неисчистена кал и прашина од градежните машини. Ова е само минијатурен сегмент од уништувањето на јавниот простор при изградбата на станбени згради, деловни објекти или трговски центри во главниот град. Желбата за инстантен профит на инвеститорите, преку јуришно подигање на објекти и сведување на трошоците на минимум, доведе до состојбата да се прекршуваат нормите и стандардите за градење, а пешаците и велосипедистите се изложуваат на разни видови опасност додека поминуваат покрај градилиштата.
Без разлика дали постои или пак отсуствува соодветна дозвола издадена од општините, јавниот простор подолг период се узурпира и оградува од страна на инвеститорите уште пред почетокот на градење на објектите. Ваквата негативна состојба е особено изразена во централното градско подрачје, во населбата Дебар Маало и на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од крстосницата со булевар „Климент Охридски“ до крстосницата со улицата „Рузвелтова“. Во одредени случаи пешачките патеки се уништуваат од машините што влегуваат во градилиштето, се трупаат со градежен шут или пак се рушат без притоа повторно да се санираат по завршувањето на објектот. Особено опасен е отпадот од градилиштата, најчесто составен од остатоци на бетон, арматура, клинци и останати метални предмети кои не се расчистуваат по завршувањето на градежните активности.
Уништувањето на асфалтот од улиците и плочките од пешачките зони претставува уште една типична карактеристика на градилиштата во Скопје. Дупките за приклучување на водовод и канализација, телефон и интернет или пак струја, наместо со асфалт или плочки, се покриваат со земја која со месеци потоа создава кал и прашина. Екипата на „Билд“ направи фото – сесија на само мал дел од објектите што во моментов се градат во центарот на Скопје. Дел од горенаведените „епитети“ се неодминлива карактеристика на огромен број градилишта во главниот град. Да се надеваме дека надлежните субјекти од синџирот: локална самоуправа – инвеститори – градежни компании – работници на терен, ќе успејат да смогнат сили за да реагираат во насока да се надмине уништувањето на јавниот простор.
„Гранит“ ќе го реконструира булеварот Јане Сандански во Скопје
Градот Скопје ќе ги искористи летните месеци за обнова на коловозот на булеварот Јане Сандански во општина Аеродром. Од буџетот за оваа година се обезбедени финансиски средства за реализација на првата фаза од реконструкцијата на една од главните сообраќајници во градот, и тоа на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Васко Карангелевски кај „Мајчин Дом“, во должина од околу 900 метри. Градежните работи предвидуваат целосна промена на стариот со нов асфалт на коловозот. Компанијата „Гранит“ од Скопје е избрана да ги изведува работите по спроведениот тендер, на кој учествуваа пет компании и кој се распиша по втор пат, по првичното неуспешно спроведување во текот на април годинава.
Изведбените активности на терен ќе се одвиваат во текот на претстојното лето, планирано е да траат три месеци и да завршат до крајот на август. Од градската каса за овој проект на „Гранит“ ќе му се исплатат 29.224.993 денари или околу 475.000 евра. На целосна реконструкција на булеварот Јане Сандански скопјани ќе почекаат до наредната година, бидејќи финансиски средства за втората фаза од проектот не се предвидени во годинешниот буџет.
Започна постапката за промена на надворешниот изглед на Градскиот Трговски Центар во Скопје. Раководството денеска распиша конкурс за избор на идејно решение за изградба на петто ниво на објектот и за промена на постоечката фасада. Можноста за добивање нов надворешен изглед на зданието следи по измените и дополнувањата на ДУП „Мал Ринг“, усвоени од Советот на општина Центар на почетокот од февруари годинава. Според објавениот оглас, долго најавуваното дооформување на ГТЦ предвидува изградба на тераса на најгорниот кат, а во распишаниот конкурс не е наведено барање за конкретен архитектонски правец кој ќе треба да се имплементира во идејното решение од страна на архитектите.
Комисијата за избор на победничкиот проект ќе додели прва награда во износ од 108.000 денари, втора награда во износ од 100.000 денари, а ќе откупи и два труда на архитектите во износ од по 50.000 денари. Конкурсните трудови треба да се достават до А.Д. „Градски Трговски Центар – Скопје“ најдоцна до 18 октомври, по што ќе се одлучи каков изглед ќе добие едно од најпрепознатливите зданија во македонската метропола. Архитектот Радомир Лаловиќ, еден од авторите на оригиналното идејно решение за ГТЦ, во изјава за весникот „Вест“ во февруари годинава напомена дека никој не го побарал за совет околу промената на надворешниот изглед на објектот и дека за ваквата иницијатива дознал по објавувањето на измените и дополнувањата на ДУП „Мал Ринг“ од страна на медиумите.
Никој не сака да го гради новото седиште на општина Аеродром
Пропадна продажбата на градежно земјиште во Реонскиот Центар Аеродром на кое приватен инвеститор ќе можеше да гради објект со комерцијални и деловни содржини, а воедно требаше да преземе обврска и за изградба административна зграда за потребите на општина Аеродром. Новата општинска зграда треба да никне на соседната парцела, во согласност со проект изготвен од страна на локалната самоуправа.
На јавно наддавање со почетна цена од 5.000 денари за квадрат беа понудени 4.269 метри квадратни на кои е предвиден објект со приземје и седум ката, максимална висина од 28 метри и максимална бруто развиена површина од 19.120 метри квадратни. Услов за најповолниот понудувач беше во рок од 15 дена од завршувањето на јавното надавање да склучи договор со кој ќе ги уреди односите со локалната самоуправа и да обезбеди банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите на општинската зграда, во износ од 300.000 евра.
Нова административна зграда на општина Аеродром - визуелизации:
Мултимилјардерот Субрата Рој ќе го гради 30-метарскиот споменик на Мајка Тереза
Откриен е идентитетот на индискиот бизнисмен кој ќе ја финансира изградбата на огромното спомен обележје на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Се работи за мултимилјардерот Субрата Рој, основач и сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“, кој моментално престојува во Македонија. Спомен обележјето е вцртано во најновата верзија на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ која е во процедура на донесување. Предлог планот предвидува здание со површина од 680 метри квадратни и висина од 30 метри, лоцирано на работ на Плоштадот Македонија [»мапа], помеѓу хотелот „Мериот“ кој моментално се гради, и хотелот кој треба да го гради грчкиот бизнисмен Деметрис Кондоминас.
Субрата Рој најави и голема инвестиција во земјава, во областа на производството или нешто што ќе привлекува туристи, но засега не открива повеќе детали.
ТЕМА: Ќе патуваме со авион до Дубаи, а не можеме со автобус да стигнеме ниту до Тирана
Од Скопје може да се лета со авион кон голем број европски градови, а наскоро можеби и кон Дубаи и други подалечни дестинации, но за да се стигне до Тирана, Атина, Сараево, Софија или Букурешт треба да се преседне на барем еден аеродром и да се потроши повеќе од половина ден. Можеби од Скопје со автобус може да се патува до Италија, Шведска, Германија или Австрија, но затоа пак до Грција, Хрватска, Албанија, БиХ или Романија ќе треба да се променат барем две линии и да се изгуби повеќе од 24 часа за да пропатуваме до некоја дестинација кај нашите соседи. Балканскиот полуостров дефинитивно останува најлошо поврзаниот географски регион во Европа, со ужасни меѓусебни врски помеѓу метрополите, а воопшто не треба да се поставуваат прашања за конекциите помеѓу помалите градови.
*Од Скопскиот аеродром ќе се лета за Дубаи, но не и за повеќето балкански градови
Мизерни се транспортните врски кои ги има Скопје со останатите балкански главни градови и туристички центри. Со автобус, авион или воз побрзо ќе стигнете до било која дестинација во Европа отколку до Сплит, Сараево или Загреб, градови кон кои некогаш експресно се патуваше. Со авион од Скопје директно не може да се лета кон главните градови на сите соседни држави, со исклучок на Белград. Можеби Приштина е преблиска како место за постоење на авионски сообраќај, но затоа пак на мапата на поврзани градови на скопскиот аеродром „Александар Велики“ не постојат Атина, Софија, Тирана, Сараево и Букурешт. За туристичките центри на Балканот не треба да стане ниту збор. Единствено кон Сплит постои редовна авио линија која сообраќа еднаш неделно, но само во текот на летните месеци. Македонската влада презеде позитивна мерка за да се поттикне авиосообраќајот преку давање на субвенции од државниот буџет на авиокомпаниите, но за жал во рамките на оваа одлука изостанаа директните летови кон балканските градови.
Идентично како со авион, граѓаните мака мачат за да патуваат од Скопје до некој од градовите на Балканот со автобус. Електронскиот возен ред на главната автобуска станица прикажува поврзување на македонската метропола со дури 35 германски градови, 14 италијански градови, но и врски со Белгија, Шведска и Швајцарија кои се наоѓаат на огромно растојание од Македонија. Сепак, редовна линија кон Атина, Тирана, Подгорица или Букурешт нема да пронајдете во табелите на возниот ред. Од Скопје за Сараево со автобус може да се патува директно само два пати неделно, во среда и недела, а ако граѓанинот сака да патува некој друг ден од седмицата тогаш мора да се менува автобус во Ниш и да се чека неколку часови за да се фати превоз кон босанскиот главен град. Кон Загреб во моментов сообраќа еден автобус секојдневно од Скопје, но и во овој случај хрватската метропола е само попатна станица на македонските автобуси кои итаат кон Европа.
*Од автобуската станица во Скопје може да се стигне до 35 германски градови, но ниту до половина балкански метрополи
Главниот град на нашата земја има најлоши врски со воз. Некогаш најкористениот вид на транспорт од Скопје кон балканските градови денеска е ограничен на дневни врски само кон Белград и Приштина. Веќе втора година се укинати меѓународните возови кон Солун, а веќе неколку години не сообраќаат директните возови кон Загреб, Љубљана и Будимпешта. Укинати се и летните туристички возови кон црногорското крајбрежје (Бар) и некогаш познатиот „Диоклецијан експрес“ кон Сплит. Скопје од јуни до крајот на август е редовно поврзан со воз единствено со бугарското приморско место Бургас.
За жал, Македонија не е исклучок од балканската транспортна неповрзаност. Сонот за патување во Европа и кон светските атрактивни дестинации, економската криза, но и бројните војни и несогласувања помеѓу балканските држави се одразија и на опциите за патување со авион, воз или автобус на овие простори. Поради економската криза, во Грција втора година по ред се укинати меѓународните возови што сообраќаа кон Скопје, Белград, Софија, Букурешт и Истанбул. Според досегашните информации, возниот ред за 2013 година нема да донесе никакви позитивни промени за патување со воз кон оваа балканска држава. Затоа пак, неофицијалните информации кои се објавени за меѓународниот железнички сообраќај на Балканскиот полуостров за наредната година се повеќе од стравични.
*Од наредниот возен ред ќе се укине возот помеѓу Белград и Сараево?
Поради економската криза и долговите на Хрватска, во медиумите во оваа земја веќе се пишува за укинување на огромен дел од меѓународните возови кон Балканот, но и кон европските држави. Според сеуште непотврдените податоци, Хрватските железници ќе укинат 46 од сегашните 52 меѓународни возови, а меѓу дестинациите кои со сигурност ќе згаснат се возовите кон Сараево. Ако се оствари црното сценарио, од моменталните четири возови што дневно сообраќаат кон Белград, од 2013 година помеѓу хрватскиот главен град и српската престолнина ќе сообраќа само еден воз дневно. Поради недостиг на локомотиви, веќе е сигурно дека за наредната година нема да сообраќа возот од Белград кон Букурешт, но и неодамна воведената врска од Белград кон Сараево. Како што во моментов стојат работи, со воз од главниот град на Србија нема да може да се патува ниту кон Истанбул, кон Софија ќе остане само еден воз, додека кон Будимпешта ќе сообраќаат само два воза во текот на денот.
*Во 2013 година помеѓу Белград и Загреб ќе сообраќа само еден воз дневно
Од белградската автобуска станица не постои опција за патување кон Букурешт, Истанбул и кон Тирана, кон главниот град на Грција сообраќа по еден автобус само три пати во неделата, додека кон Сараево е предвидена само една врска дневно во попладневните часови. Од Белград кон Софија сообраќаат само два автобуса дневно. Од друга страна пак, слично на македонската метропола, од главната станица во Белград може се патува кон бројни дестинации во Франција, Холандија, Шведска, Италија, Германија, Данска и многу други западноевропски држави. Доколку имате желба да користите авион од меѓународниот аеродром во Тирана кон некоја од балканските метрополи, тогаш ќе наидете на идентична лоша поврзаност. Интернет – порталот „Билд“ провери дека во летниот ред за летање се впишани редовни авионски линии само кон Атина, Истанбул и Љубљана, додека за другите главни градови на Балканот треба да се патува преку некој од европските аеродроми. Речиси идентична е состојбата за патување со авион од аеродромите во Букурешт кон останатите балкански метрополи.
Митрополит Теодосиј Гологанов со булеварски профил на нови 650 метри
Денеска стартуваа градежните работи за реконструкција и проширување на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, на сегментот од крстосницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со улицата Братфордска и булеварот 8-ми Септември, во должина од околу 650 метри. Како и наделот опфатен со минатогодишната прва фаза, сообраќајницата на овој потег ќе добие 4 коловозни ленти без средишно зеленило, а според најновите информации кои денеска ги соопшти градската администрација, ширината на коловозот ќе биде 16, наместо првично најавените 13 метри. Од двете страни ќе се формираат тротоари со широчина од по 3,5 метри, поплочени со бехатон плочки на вкупна површина од 6.500 метри квадратни. Во рамки на проектот планирано е да се изгради атмосферска канализација во должина од 1.500 метри, со дијаметар од 200 и 400 милиметри, а завршниот слој асфалт ќе биде изработен со полимер којшто го забавува стареењето на коловозот и формирањето на колотраги.
Градот Скопје за овој инфраструктурен зафат од буџетот издвои 47 милиони денари или околу 765 илјади евра. Изведувач на градежните работи е фирмата „Транс Мет ДОО“, која треба да го реализира проектот во рок од 90 работни дена. Првично беше најавено дека во оваа втора фаза ќе се опфати тројно подолг сегмент од сообраќајницата, односно од крстосницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со улицата Московска, кај студентскиот дом „Гоце Делчев“. Засега нема информации дали и кога ќе се оствари најавата.
Жителите на општина Аеродром денес добија уште една уредена парковска целина, со површина од околу 11.000 метри квадратни, од кои 1.800 метри квадратни се водена површина која ја сочинуваат четири езерца. Локацијата на новиот парк е покрај кејот на Вардар, во непосредна близина на спортската сала „Јане Сандански“ [»мапа]. Во неговиот централен простор е сместено најголемото езерце, кое се простира на 900 метри квадратни, а содржи две фонтани кои се прелеваат една во друга. Во средината на централната фонтана е поставена модерна скулптура со форма на симболот на општина Аеродром. Кај најмалото езерце има поставено украсно соларно дрво со светлечки ефекти, додека останатите две езерца се украсени со по два водопади, мост и гејзери.
Зеленилото се простира на 5.420 метри квадратни, а за негово наводнување, како и за полнење на езерата ќе се користат три бунари ископани за потребите на паркот. Пешачките патеки со површина од 3.795 метри квадратни се поплочени со различни типови гранит, базалтни коцки, кулир и бехатон.
Изградбата на „Паркот на езерата“ започна кон крајот на минатата година. За него се потрошени 60 милиони денари, односно околу еден милион евра, средства обезбедени од Буџетот на општината. Изведувач на градежните работи беше компанијата „Конструктор Рената“, според проектот изработен од „Геоконтрол“ од Струмица.