Du verwendest einen veralteten Browser. Es ist möglich, dass diese oder andere Websites nicht korrekt angezeigt werden. Du solltest ein Upgrade durchführen oder einen alternativen Browser verwenden.
Продолжуваат честите измени на урбанистичкиот план кој го уредува централното градско јадро на Скопје. Денес беше одржана јавна презентација на најновата верзија на ДУП „Мал ринг“, а заинтересираните граѓани ќе можат да го погледнат и да достават забелешки во просториите на Урбаната заедница Мирче Ацев, до крајот на месецов.
Предлог планот предвидува изградба на ново големо споменично обележје на работ на Плоштадот Македонија, помеѓу хотелот „Мериот“ кој моментално се гради, и хотелот кој треба да го гради грчкиот бизнисмен Деметрис Кондоминас. Зданието ќе може да се издигне до висина од 30 метри и неговото вцртување во урбанистичкиот план се поклопува со скорешните најави на премиерот Никола Груевски дека во Скопје ќе никне грандиозен споменик на Мајка Тереза. Во коритото на реката Вардар се предвидени уште два нови сплава, со што нивната вкупна бројка нарасна на шест.
Привршува постапното „опколување“ на објектот на Македонската опера и балет. Помеѓу него и улицата Стив Наумов е вцртана нова градежна маркичка на која ќе никне уште една зграда за јавна администрација. Новина е и зголемувањето на градежната маркичка на просторот каде што се наоѓа седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Сега таму ќе може да се изгради многукратно поголем објект, со основа од 1.224 метри квадратни кој ќе има приземје, седум ката и поткровје. Улицата Димитрија Чуповски е предвидено да се спушти под земја, а над нејзе да се оформи пешачка зона. Под Плоштадот Македонија е планиран подземен паркинг простор до кој ќе се пристапува преку улицата Орце Николов.
Бројот на комерцијални паркиралишта и гаражи значително се зголемил во изминатата година
Бројот на места за паркирање со кои оперираат деловните субјекти за јавни паркиралишта во 2011 година изнесувал 11.949, што претставува зголемување од 28% во споредба со 2010 година кога вкупната цифра била 9.334 паркинг места. Во текот на изминатата година, во земјава се регистрирани 93 вакви паркиралишта и гаражи со вкупна површина од 240.825 метри квадратни. Споредбата на извештаите на Државниот завод за статистика покажува дека во 2010 година се забележани 73 јавни локации за паркирање со површина од 183.294 метри квадратни.
Според обработените податоци, 9.494 места за паркирање, со површина од 185.235 метри квадратни, се на отворен простор, 1.385 места за паркирање со површина од 26.960 метри квадратни се во покриените гаражи, додека во катните гаражи има 1.069 места за паркирање со површина од 28.630 метри квадратни. Сумата на покриени и катни гаражи е зголемена во период од една година, па така во 2010 година се регистрирани една катна и две покриени гаражи, наспроти изминатата година кога нивната бројка нараснала на четири катни и шест покриени гаражи на територијата на Скопје, Охрид, Струмица, Куманово, Тетово и Прилеп. Во неколку градови од земјава локалните самоуправи пројавија интерес за формирање на јавни претпријатија за стопанисување со паркинзите, кои ќе ги уредат површините и ќе наплаќаат за услугите за паркирање. Од друга страна, само во Скопје во моментов се планирани или веќе се градат 15 катни гаражи од страна на АДСДП, Општина Центар, Град Скопје и заинтересирани приватни инвеститори.
Арт плоштадот е завршен, започнува втората фаза од реконструкцијата на плоштадот Методија Андонов – Ченто
Прилепските локални власти продолжуваат со разубавувањето на централното градско подрачје. Со поставување на фонтаната пред Домот на културата „Марко Цепенков“, заврши реализацијата на проектот за изградба на Арт плоштадот. Истовремено, продолжуваат активностите за реконструкција на плоштадот Методија Андонов – Ченто, при што во втората фаза е предвидено архитектонско и партерно уредување на платото и патеките пред Музејот „11 октомври 1941“. За двата градежни зафати од буџетот на Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ ќе се издвојат 19 милиони денари или околу 310.000 евра. Завршената фонтана чинеше 3.993.356 денари, додека за понатамошната обнова на градскиот плоштад се наменети 14.996.464 денари.
* Арт плоштад
Последно изведената содржина на Арт плоштадот претставува сува фонтана со 15 млазници со чист ламинарен млаз, распоредени во линија кои овозможуваат воден ефект, при што фонтаната е илуминирана со 15 светилки во разновидни бои за облагородување на просторот во текот на вечерните часови. Во претходните фази од изведбата на овој јавен просторсе поставија нови плочки, шаховска табла за рекреација, патека на славните граѓани кои потекнуваат од Прилеп и споменици на Блаже Конески и Круме Кепески.
Продолжува и реконструкцијата плоштадот Методија Андонов – Ченто, а во втората фаза од проектот е предвидено натамошно архитектонско и партерно уредување на старите патеки и платото пред неодамна реконструираниот музеј. Веќе заврши првиот сегмент од зафатот со кој се обновија 600 метри квадратни од оваа јавна површина и се постави споменикот на Кузман Јосифовски – Питу. Во претстојниот период треба да се комплетира плоштадот со површина од 8.000 метри квадратни, на кој покрај мермерни и гранитни плочки ќе се постават и нова урбана опрема, осветлување и поголема зелена површина. Со завршувањето на двата проекта, центарот на Прилеп ќе добие два пространи плоштада со големина од 10.300 метри квадратни.
Строгиот центар на Скопје ќе добие нови шеталишта за пешаците
Градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, денеска го означи почетокот на градежните работи за изградба на нова колско – пешачка патека во близина на скверот кај хотелот „Јадран“ во строгиот центар на Скопје. Намерата на локалните власти е по теркот на веќе завршената улица „Никола Вапцаров“ да се изведат градежни активности на улиците „27 март“, „Наум Наумовски – Борче“, „Осма Ударна Бригада“ и „Скопска“, со што целиот простор во близина на амбасадите на Шведска и Шпанија ќе прерасне во шеталишта за граѓаните на главниот град. Со завршувањето на проектот ќе се измени постојниот сообраќаен режим на улиците кои ќе бидат комбинирани со колско – пешачка функција согласно со Деталниот урбанистички план. Постојниот асфалт на коловозот ќе се замени со коцки од вештачки гранит, а од двете страни на сообраќајниците ќе бидат изградени широки тротоари на ниво на самите улици, поплочени со плочи од вештачки гранит со димензии 33 х 33 сантиметри.
Велосипедистите порачаа: На Скопје под итно му требаат повеќе патеки за возење на велосипеди
Во изненадувачки голем број, скопјани денеска дадоа поддршка на првата „Критична маса“, настан кој претставува групно возење на велосипеди по улиците на еден град и се одржува секој последен петок во месецот во преку 300 градови во светот. Околу 1.000 велосипедисти им упатија пораки на градските и локалните власти од Скопје, повеќе да се инвестира во развојот на велосипедската инфраструктура и да се прошири веќе започнатиот проект „Изнајми велосипед“ со нови пунктови и точаци. Екипата на интернет – порталот „Билд“ запраша неколкумина учесници на настанот дали на Скопје му се потребни нови велосипедски патеки и колку се задоволни од досегашниот развиток на проектот „Изнајми велосипед“.
„Градоначалниците треба да изградат повеќе стази и да се грижат за велосипедистите. На центарот на Скопје под итно му се потребни нови патеки за велосипедистите. Треба да се мисли за улиците и булеварите, но не треба да се занемарат луѓето што возат точак. Сметам дека многу малку се вложува“, истакнува Ана Т., студентка од Скопје. Други граѓани пак констатираат дека на главниот град му се потребни повеќе пунктови за изнајмување на велосипеди, но и посеопфатна обнова на инфраструктурата за овој вид превоз во градот. „Во Скопје возам повеќе точак на улица, отколку на патека. На секој агол има паркирано автомобили каде не треба или пак на нив стојат пешаци“, ни изјави Маја К., правничка од Скопје.
„Никофон“ ќе гради катна гаража во „барокен“ стил спроти Старата железничка станица, „Макоил“ близу плоштадот Македонија
Компаниите „Никофон“ и „Макоил“ ќе градат две катни гаражи во строгиот центар на Скопје, откако на денешното електронско наддавање купија државно градежното земјиште за таа намена. Најповолен понудувач за парцелата спроти Старата железничка станица на која ќе се гради катна гаража со основа од 765 метри квадратни е „Никофон“. Во наддавањето во кое учествуваше и фирмата „Сити централ интернационал“, земјиштето со површина од 1.245 метри квадратни беше купено по цена од 6.150 денари за метар квадратен или вкупно 7.656.750 денари. Покрај простор за паркирање, инвеститорот ќе може до 15% од објектот да намени за мали комерцијални и деловни дејности, големи трговски единици, големи угостителски единици или пак за деловни дејности. „Никофон“ е обврзан да гради во „барокен“ стил, според веќе избрано идејно решение од страна на државата.
Идејното решение за катната гаража спроти Старата железничка станица (кај „Автомакедонија“):
Денеска беше продадена уште една градежна парцела во строгиот центар на Скопје, зад објектот „Метропол“ на плоштадот Македонија [»мапа], наменета за комунална супраструктура – катна гаража. Во конкуренција со „Дивелоп груп“, компанијата „Макоил“ го купи земјиштето со површина од 465 метри квадратни по цена од 34.560 денари за метар квадратен, односно вкупно 16.070.400 денари. Инвеститорот ќе треба во рок од 9 месеци по потпишувањето на договорот и извршувањето на солемнизацијата да обезбеди одобрение за градење од општина Центар, а објектот ќе треба да го заврши во рок не подолг од 6 години од добивањето на градежната дозвола.
Сообраќајниот пристап до оваа гаража и новата управна зграда на „Телеком“, наместо преку подземна сервисна улица како што беше претходно планирано, ќе биде преку површинска улица која ќе поминува по кејот покрај Градскиот трговски центар, што наиде на жестоки оспорувања од пошироката јавност.
Трет тендер за планираниот аква парк во СЦ „Борис Трајковски“, овој пат со донесени измени во ДУП-от
По двa неуспешни обиди и низа на преписки помеѓу градоначалникот на Општина Карпош и директорот на СЦ „Борис Трајковски“, раководството на овој спортски центар денеска објави трет тендер за изградба на рекреативен аква парк. Објавувањето на нов повик за изведба проектот доаѓа по изгласувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за урбан блок Карпош 3 од страна на Советот на Општина Карпош на 11 мај, по што и дефинитивно се отвора можноста на легален начин да започне процедурата за изградба на аква паркот. Според информациите од тендерот, победничката компанија ќе треба да го заврши спортско – рекреативниот објект во период од 3 месеци, односно до крајот на септември годинава. Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 25 јуни, по што ќе се знае која компанија ќе ги изведува градежните работи. Аква паркот во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се простира на површина од 5.600 метри квадратни. Идејниот проект го изработи „Темон инженеринг“, а инвестицијата се проценува на околу 3 милиони евра, финансиски средства кои веќе ги обезбеди македонската влада.
Во чест на Јустинијан Први, во Зелениково ќе се гради плоштад, лоциран во населеното место Таор, родното место на Јустинијан Први, а ќе биде украсен со фонтани, споменици и амфитеатар.
„Таор е родното место на Јустинијан, но малкумина го знаат тоа. Затоа сакаме да му дадеме тежина на локалитетот, да го промовираме. Ова не е значајно само за Зелениково туку за цела Македонија. Разговаравме со претседателот Ѓорге Иванов и ја имаме целосната поддршка од него. Исто така ќе побараме помош од Правниот факултет, кој пред неколку години имаше во план да гради амфитеатар на овој локалитет, а ќе упатиме апел и до Владата, Министерството за култура, некои амбасади и институции“, изјави градоначалникот Веле Груевски за Нова Македонија. Плоштадот треба да биде готов до крајот на годината.