Зошто Албанците се плашат од фер попис?!
Најверојатно со предлог-законот кој ќе биде изготвен од Владата ќе се побара укинување на пописот. Претседателот на Собранието Трајко Вељановски ќе одлучи кога овој предлог-закон ќе се најде пред пратениците
Предлог-закон за прекин на пописот се очекуваше да донесе Владата синоќа. Тој потоа треба да му биде доставен на Собранието и да биде изгласан. Претседателот на Собранието Трајко Вељановски ќе одлучи кога овој предлог-закон ќе се најде пред пратениците. Ова следува откако пописот на четири дена пред неговото завршување беше прекинат поради обид за фалсификат и големи нерегуларности на терен при спроведувањето на методологијата за попишување.
Во одредени реони во Западна Македонија населени претежно со етнички Албанци се попишуваше спротивно на Законот за попис. Се евидентираа лица кои не живеат во Македонија во последната година и се прибираа податоци од лица кои како доказ доставуваа фотокопии, а не оригинални документи. Членовите на Државната пописна комисија колективно поднесоа неотповиклива оставка. Се согласија околу тоа дека доколку пописот продолжеше да се спроведува на ист начин немаше да се добијат релевантни и споредливи резултати, што никому не би му било од корист.
Во меѓувреме пописните тимови ги предаваат материјалите од досега спроведениот попис. Тие потоа ќе бидат предадени на Државниот завод за статистика. Директорката на ДЗС Благица Новковска вчера не беше достапна за коментар.
Доскорешната претседателка на Државната пописна комисија Слободанка Гиевска вели дека ДЗС е надлежен за понатамошната постапка.
- Пописните реони, според упатството, треба да го достават материјалот до Државниот завод за статистика. Тие ја знаат процедурата. Не знам како понатаму ќе се третира пописниот материјал, вели претседателката на ДПК, Гиевска.
Вчера директорката на Директоратот за проширување на ЕУ за Македонија, Александра Кас Грање, рече дека пописот мора да произведе вистинска, прецизна слика за популацијата во земјата, согласно меѓународно прифатените стандарди.
-Ние ја охрабруваме коалициската Влада во консултации со опозициските партии и етничките заедници да создаде клима која ќе овозможи соодветно и сигурно спроведување на пописните активности. Процесот на пописот мора да биде кредибилен за сите политички партии и етнички заедници, и технички не смее да има никакви прашања и дилеми, вели Кас Грање.
Опозициската СДСМ и вчера го повика премиерот Никола Груевски да не се амнестира од одговорност за пописот. ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека во пописот во 2002 година дозволиле бројот на етничките Албанци да се зголеми за 120 000.
-Недозволиво е премиерот Груевски да молчи и да бега од одговорност за невидениот срам и огромниот скандал околу пописот. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, заради меѓупартиските пазарења, покажа дека е неспособна да спроведе една нормална статистичка операција.
Несериозно и неодговорно е на државниот празник 11 Октомври и само еден ден пред објавувањето на извештајот на Европската комисија да се донесе одлука за прекин на пописот. Партискиот договор меѓу Груевски и Ахмети не признава ниту државен празник ниту државен интерес, рече на вчерашната прес-конференција потпретседателот на партијата Гордан Георгиев.
Демократскиот сојуз на Павле Трајанов пак побара целосна ревизија на пописната регулатива.
-Само доколку се обезбедат инструменти преку кои ќе се гарантира регуларен попис, истиот треба во догледно време да се одржи, смета Трајанов.
Невладината организација "Разбуди се" смета дека колективната оставка на ДПК е исправен чекор и бараат оставка и од претседателката на ДЗС Благица Новковска.