Скопје- дестинација која ги освои странските туристи
Среда, 21 Септември 2011 12:42
Сподели
486
Споделете ја веста со Вашите пријатели
Историја, еден народ, култура, споменици, гордост, Македонија. Сето ова во само еден проект „Скопје 2014“.
Проект кој веќе во најголем дел е изграден и реализиран. Проект кој говори за културно-историското потекло на еден народ и проект кој несомнено во голем број ги привлекува странските туристи.
Ако до пред некое време, можевме на туристите да им зборуваме за историјата и за тоа кои биле Гемиџиите, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев..., сега историјата може и да се покаже.
Секојдневно низ централното градско подрачје има туристи кои се сликаат пред спомениците и новите објекти.
Во првата половина од годината, во Скопје значително е зголемен бројот на туристи, 25 проценти повеќе од истиот период минатата година. За 33% зголемен и е бројот на ноќевањата на странските посетители.
Овие податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека Скопје е новата дестинација за која се определуваат туристите и дестинација која има што да им понуди.
А со зголемување на бројот на туристите, се зголемува и приливот на средства од туристичките услуги, кој во првите два квартали изнесува 98 милиони долари и бележи пораст од 19 проценти.
Бројките од податоци не престануваат да растат. Скопје досега го посетиле 110 илјади туристи, кои оствариле 200 илјади ноќевања.
Анализирајќи ги статистичките податоци, може да се заклучи дека Скопје не само што доби културно-историски проект, доби и проект кој директно влијае на економијата и покажува позитивен ефект.
Хотелите, ноќевалиштата, кафулињата, рестораните со добрата услуга се местата каде туристите не го штедат својот џеб, затоа што истите имаат и што да им понудат.
Токму поради добрата понуда и услуга, туристите се тие кои својот добар збор за Скопје ќе го пренесат на оние што ги познаваат.
Но, не само туристите и самите ние треба да се погрижиме за ново зголемување на странските туристи.
Дека Скопје има огромен туристички потенцијал вели и претседателот на Туристичко угостителската комора Феркан Бербери.
Она што според него е потребно да се направи за дополнително зголемување на бројот на странски туристи кои ќе го посетат градот е нотирање и потенцирање на капацитетите.
-Скопје има културно-историска и традиционална вредност. За секоја добра промоција потребно е да се направи и добра приказна. Бројот на туристи дополнително може да се зголеми преку усогласена промоција на туристичките капацитети, едукација на туристичките работници, квалитетни водичи и добри презентери на македонската храна и вино, како и преку зголемување на квалитетот на услугите во хотелите, истакнува Бербери во телефонски разговор за Курир.
Бројот на туристи може да се зголеми и преку понудите во туристичките агенции, кои како што посочува претседателот на Туристичко угостителската комора со субвенционирањето се мотивирани за дополнителна промоција на потенцијалите кои ги имаме.
Само со добра промоција и понуда, зголемувајќи го бројот на странски посетители Скопје ќе остане дестинација која и понатаму ќе ги освојува туристите.