Der alte römische Aquädukt soll aufgepeppelt werden.
Аквадуктот ќе биде нов симбол на Скопје
Споменикот оддалечен од центарот на градот еден километар, со неколку крупни зафати може да прерасне во вистинска туристичка атракција, се препораките од „Стратегискиот план за зачувување и рехабилитација на Аквадуктот во Скопје и неговата околина“
Целосно да се реставрира Аквадуктот и да се поврзе со Градскиот парк, Калето, Старата скопска чаршија и со Скупи, со модерни осветлени патеки по кои посетителите на најбрз можен начин би стигнале до него. Изградбата на паркиралишта, уредување атрактивни зелени површини, културно-уметнички занимливости, исто така се дел од планот за ревитализација на овој споменик на културата, затоа што тоа е само единствениот начин со кој би се привлекле туристите. Ова е ставот на професор д-р Тереза Стенберген од католичкиот универзитет „Лувен“ од Белгија, која е дел од тимот што учествуваше во проектот „Стратегиски план за зачувување и рехабилитација на Аквадуктот во Скопје и неговата околина“, промовиран вчера во просториите на градот.
Поврзувањето со споменатите локации, според Стенберген, е од големо значење затоа што тие се едни од најзначајните културни знаменитости на градот и ќе овозможи негово непречено циркулирање, како во културна така и во социјална, туристичка и во економска смисла.
- Споменикот е прекрасно место, исто како и неговата околина. Од центарот на градот е оддалечен само еден километар, ама никој нема да оди таму ако не се направат патишта што ќе водат до него. При нашето истражување ја откривме поврзаноста на Аквадуктот и Скупи, како и голем број римски патишта. Со понатамошните истражувања ќе се утврди целокупната историја на местото. Исто така, видовме дека под Аквадуктот тече вода, која може да го оштети, ама која од друга страна е чиста и е потенцијал за развој од повеќе аспекти. Потребно е да се решат многу прашања, како што се сопственоста на земјиштето, чистењето на дивата депонија зад него, а при изработката на генералниот урбанистички план на градот да се вклучи и оваа локација за да може овој дел да се развива онака како што предвидуваме - вели Стенберген.
Професорката Стефанка Хаџи Пецова, од универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како еден од главните потенцијали и предности на добро сочуваниот Аквадуктот го наведе фактот дека тој е сведоштво на различни периоди од минатото, со уникатна и универзална вредност.
- Доколку се направи онака како што планираме, сметаме дека Аквадуктот ќе биде нов симбол на Скопје, ресурс за културна разновидност и зајакнување на општествената кохезија, како и столб за одржување на идентитетот. За среќа, просторот околу него е празен, па нуди потенцијали полесно да ја смислиме неговата иднина - рече Хаџи Пецова.
За проектот, во кој партнери се Управата за заштита на културното наследство, градот, католичкиот универзитет „Лувен“ од Белгија, универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, МЕСАКОНС и „Урбис ет тера“ од Фландрија, градоначалникот Коце Трајановски планира да поднесе барање до Владата со кое овој проект би станал еден од капиталните инвестиции во земјава, со што автоматски би добил и финансиска поддршка. Според Трајановски, во проектот поактивно треба да се вклучат општините Карпош и Бутел, на чие подрачје се наоѓа Аквадуктот. Трајановски вети дека сé што се однесува до градот, во поглед на инфраструктурата и имотните односи, ќе се реализира.
Автор: Б.Ст.