Stadtteil Aerodrom mit neuer Fahne und Wappen!
Аеродром доби нови симболи
Понеделник, 30 Јануари 2012 11:19
Аеродром доби нови симболи
Општина Аеродром го избра најсоодветното решение за ново знаме и грб.
Советот на општината донесе Одлука за утврдување на новите симболи на Аеродром, со која практично се усвои мнозинското мислење на граѓаните како најсоодветно решение да биде предлогот на авторот Љупчо Џуровски што во последниот број на општинскиот весник „Аеродром“ беше објавен под реден број 3.
Станува збор за решение слично на старите симболи, но кое овојпат ги задоволува основните хералдички и вексилолошки критериуми.
Имено, идејното решение за грб претставува штит во триаголна форма, во бордо црвена боја, обрабен во сребрена боја. Во центарот на штитот е поставен стилизиран монограм „А“ во сребрена боја. Над штитот се наоѓа челенка од златен појас со стилизиран флорален приказ во мозаик, а врз него златен сончев полудиск со мноштво зраци.
Идејното решение за знаме, пак, претставува апликација на грбот во центарот на знамето врз златно-жолто ромбоидно поле обрабено со два црвени триаголници горе лево и долу десно.
Новите симболи на Аеродром ќе се применуваат по уписот во регистарот на грбови и знамиња на општините во Република Македонија, кој го води Министерството за локална самоуправа.
Исто така, со авторот на утврденото идејното решение oпштина Аеродром ќе склучи Договор за авторски права, со кој ќе се пренесат правата од авторот на oпштина Аеродром.
Инаку, покрај ова, во конкуренција за избор на нови симболи беа уште 3 други идејни решенија, за кои жителите на Аеродром во транспарентна постапка имаа можност директно да се изјаснат.
Конкурсот за избор на нови симболи на oпштината беше распишан поради тоа што старите не беа во согласност со хералдичките и вексилолошките стандарди.