Ќе никнат 27 луксузни хотели
Освен во Скопје и во Охрид, изградба на нови модерни хотели се предвидува и во помали места како Ростуше, Вевчани, Пехчево
Ако до вчера немавме кралски апартман за дочек на емирот од Катар, во иднина ќе имаме луксузни хотели во повеќе градови од државата. Во согласност со плановите на Министерството за транспорт и врски и најавениот интерес од општините, предвидена е изградба на 27 луксузни хотели во Скопје, како административен, и во Охрид, како туристички центар, но и во помалите места како Ростуше, Вевчани, Пехчево и др.
- По пат на јавно наддавање досега се отуѓени вкупно 12 локации, предвидени за изградба на хотели. Три се во Охрид, три во Битола, три во општината Центар и по една во Аеродром, Штип и во Делчево. Во тек е јавна објава за отуѓување на градежно земјиште, сопственост на државата, за изградба на хотелски комплекси во општината Центар. Предмет на јавното наддавање е една градежна парцела со вкупна површина од 4.090 квадратни метри. Пријавите за учество на јавното наддавање можат да се достават до 11 ноември годинава - изјави Драган Симоновски, портпарол во Министерството за транспорт и врски.
Барања и податоци за изградба на хотели доставиле и општините Струга, Гевгелија, Битола, Крушево, Кочани, Вевчани, Дебар, Маврово и Ростуше, Петровец, Центар и Кисела Вода. Неколку локации за изградба на хотели се предвидени и во општините Пехчево и Берово.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека со остварувањето на овие планови се овозможуваат нови инвестиции и нови висококвалитетни туристички објекти, што дополнително ќе придонесе кон развој на туризмот и отворање на нови работни места.
Колку од новоизградените хотели ќе поседуваат луксузни претседателски апартмани засега не е познато, но според очекувањата, оние во Скопје и во Охрид би требало да располагаат со вакви простории. Сега, иако речиси сите поголеми хотели нудат претседателски апартмани, тие се далеку од стандардите што ваквите капацитети ги имаат во светот.
- Клучен проблем е што нема придружни простории покрај претседателскиот апартман за сместување на целата делегација. Она што сега го имаме одговара на категоријата на локалните државници.
Стандардите денес и пред дваесетина години, кога се градени најголем број од нашите хотели, се различни. Технолошкиот прогрес го направи своето. Белград како центар на поранешната заедничка држава има вакви луксузни објекти, бидејќи таму почесто доаѓале ВИП-гости - велат од ХОТАМ, организација на хотелиери на Македонија.
ВИП-гостин со свој хеликоптер неодамна дошол во Македонија, но одлучил да преноќи во хотелот „Гранд“ во Приштина.
На уметниците Охрид им е поважен од ѕвездичките на неговите хотели
Организаторите на фестивалот „Охридско лето“, на кој гостуваат врвни светски уметници, досега не се соочиле со проблем при сместувањето на уметниците.
- Обично уметниците се пофлексибилни и се приспособуваат на условите што им ги нудиме. Никогаш досега не се случило некоја голема ѕвезда да го откаже гостувањето зашто не сме биле во можност да обезбедиме соодветно хотелско сместување. Во принцип, бараат хотел со пет ѕвездички, а единствен таков во Охрид е „Инекс Горица“. Обично се задоволни од сместувањето - вели Илија Мојсовски, директор на фестивалот.
Големите ѕвезди од рангот на Хозе Карерас, Енио Мориконе и Џеси Норман беа задоволни од хотелското сместување, велат од „Охридско лето“.
- Мислам дека Охрид има предност во однос на Скопје, зашто има убаво природно опкружување, од кое се воодушевени сите што доаѓаат на фестивалот. Тоа им е поважно од ѕвездичките што ги имаат хотелите во Охрид - вели директорот на фестивалот.
Македонија - место за кралски одмор со малку пари
Македонија е непознат скапоцен камен, добро зачуван и богат со можности, особено за туристи што имаат мал буџет, пишува новинарот Џероен ван Виерген во канадското издание на француски јазик на бесплатниот дневен весник „Метро ворлд њуз“. Репортажата, објавена во еден од најчитаните канадски весници на француски јазик, е посветена на туристичката понуда на Македонија и е напишана врз основа на искуството на авторот по престојот во Охрид.
- Луѓето не се богати, но прават сé што можат за да ги задоволат гостите. Но не е гостопримливоста единствената карактеристика што ја прави Македонија толку пријатна - пишува канадскиот весник.
Според новинарот, еден странски турист во Охрид може да живее како крал со многу малку пари.
Охрид, според „Метро ворлд њуз“, е најдоброто место од каде што треба да се почне со откривањето на Македонија. Виерген пишува за „шармантните ресторани, чии маси никогаш не се празни“, за „купувањето облека по ниска цена во раскошните бутици“ или „насладувањето со долги ручеци за само неколку евра“ и „танцувањето со дотераните жители на градот до раните утрински часови“.
Ако постои фрустрација за Македонците, според „Метро ворлд њуз“, тоа е што езерото не е заштитено на ист начин и од албанската страна, каде што може да се најде и да се јаде превкусната езерска пастрмка, додека нејзиниот риболов е забранет во Македонија.
Инвеститори и локации
- „Фибула ер травел“ - Охрид
- „Илинден“-Струга - Охрид
- ДПТУ „Соларни македонски системи“ - граничен премин Меџитлија
- „Еилфикс“ - поранешна касарна Битола
- „3Д Тим инвест“ - општина Центар
- Марјан Јованов и ДПТУ - општина Центар
- „ДС прајм пропертис“ - општина Центар
- „Стоне бриџ“ - општина Аеродром
- „Оаза“ - Штип
- Орце Тодоровски - Делчево
?? ?????? 27 ???????? ?????? - ???? ??????????