КИНОТЕКА СО НОВ ПРОЕКТ
Снимени над 500 интервјуа со протерани Македонци од Егејска Македонија!
Во декември се работеле и 90 интервјуа со Македонци во Канада. Наскоро од материјалот ќе може да види и документарниот филм во неколку епизоди, "Сведоци"
Над 500 интервјуа со протерани Македонци од Егејска Македонија се снимени годинава во Македонија. Во декември се работеле и 90 интервјуа со Македонци во Канада, а наскоро од материјалот ќе може да се види и документарниот филм во неколку епизоди, "Сведоци". Ова е нов проект на Владата и Министерството за култура, а реализиран од Кинотека на Македонија. Директорката на Кинотеката, Мими Ѓоргоска-Илиевска, вчера го најави и новиот "член" на Кинотека, комбинирана монтажна маса "Ернеманн со која ќе биде олеснет процесот на обработка на филмски ленти. Во освртот за 2011 г., таа како најголем настан го потенцираше 27 октомври, Светскиот ден на аудио-визуелното наследство. Тој се одбележа и со проекцијата на филмот "Метрополис" на Фриц Ланг, во придружба на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Хелмут Имиг.
"Годинава е значајна и поради јубилејот - 35 години Кинотека. Ги одбележавме со низа настани, а започнавме со доделување на "Златен објектив" за доајен на македонската кинематографија. Овојпат тоа беше Мето Петровски. Направена е и аналогна реставрација на неколку филмови. Се одржа и настанот "50 години Коле Ангеловски на филмското платно". Македонија стана дел од Управниот одбор на ФИАФ...", рече Ѓоргоска-Илиевска.
Како еден од позначајните проекти таа ја посочи и дигитализацијата на дел од филмското наследство, а завршена е дигиталната реставрација на филмови на Столе Попов. Меѓу нив се "Црвениот коњ", "Тетовирање", "Џипси меџик", документарниот "Дае"... Овие филмови ќе се појават и на ДВД, и тоа на почетокот на 2012 г.
Кинотеката овој месец се заокружи и со тркалезна маса за филмот, публицистиката и филмската критика, а се посвети внимание на првата филмолошка книга од Македонија, "Филмот и политичкото" од Томислав Османли. Во истиот ден се промовираше и книгата "Време на игри и соништа" од Илинденка Петрушева.
За крај, Ѓоргоска-Илиевска, од неодамна и претставник од Македонија во европскиот фонд "Еуроимаж", кажа дека по ревизијата на фондот договорено е да се направи ревизија и во Босна и Херцеговина, Турција и Србија.
"Поддршката засега е замрзната, што не значи дека е укината", заврши Ѓоргоска-Илиевска.