[h=1]Македонското злато излегува на виделина[/h]
[TABLE="width: 890"]
[TR]
[TD][h=4]Златото и бакарот се наоѓаат во подножјето на ридот што пред многу години бил формиран од вулкан, кој тука бил активен, а се издигал три-четири километри над местото Иловица. Главното наоѓалиште всушност е неговиот кратер, поточно неговото дно или она што останало од него[/h][/TD]
[TD] [/TD]
[/TR]
[TR]
[TD="align: center"]
[/TD]
[TD] [/TD]
[/TR]
[TR]
[TD]
[/TD]
[TD] [/TD]
[/TR]
[TR]
[TD]Не е тајна дека Македонија е богата со руда. Злато, сребро, бакар, минерали, драгоцени камења... сето тоа е тука некаде и очекува да биде откриено од нас. Еден дел веќе е откриен, но огромен дел тлее некаде под нашите планини, полиња, ливади и околу реките. Едноставно, Македонија изобилува со природни богатства, кои чекаат да бидат експлоатирани и искористени со една напомена - да не се наруши балансот на природата што егзистирала тука како комплексен систем илјадници години пред нас. Што, секако, ќе биде предизвик и за канадската компанија „Еуромакс ресурси“, која најави вложување половина милијарда долари за отворање на рудникот „Иловица“, каде што би се експлоатирале злато и бакар.
Во потрага по златниот рид
Општината Босилово се наоѓа во јужниот дел на нашата држава, веднаш до градот Струмица. Навидум рамничарски крај, особено во делот на селата Босилово, Моноспитово и Еднокуќево, кој одеднаш станува ридесто-планински, особено во делот на селата што станаа познати во јавноста последните денови - Иловица и Штука. Во потрагата по местото каде што компанијата „Еуромакс“ доби концесија за експлоатација на руда, друштво ни прави и професорот Марин Александров, доктор по геолошки науки, човекот што буквално ја откри „Иловица“, како што е работниот наслов на сѐ уште неродениот, но зачнат нов рудник на бакар и на злато во Македонија. Селата Штука и Иловица се буквално споени еднододруго, без јасна граница меѓу нив, густо населени со претежно земјоделско население, кое освен со сточарство, се занимава и со полјоделство, но во помал обем поради не така богатата почва, за разлика од Струмичкото поле. Но богатството на почвата тука не е во хранливоста на земјата за билките, туку во нешто друго, многу повредно, кое нѐ очекува горе над селата. Возејќи се низ двете села професорот Александров ни посочува дека наскоро пред нас ќе се појави местото што многумина би сакале да го имаат во своја сопственост. И токму така, на околу 1,5 километар над селата, во близина на околната мала река, пред нас се покажа златниот рид. Огромно купче земја што го прават децата играјќи си во песок.
- Еве, ова е златниот рид во Македонија. Висок е 878 метри надморска височина. Во неговата утроба се кријат карпи што во себе носат големи количества бакар и злато - ни вели професорот Александров.
Навистина и малку чудно изгледа целото здание. Огромно, во некоја правилно купчеста форма, како истурен песок од песочен часовник. Засадено со милион дрвја што бујат од зеленило, чиниш сакаат да дадат придонес во криењето на она што е стотици метри под нив. По дваесетина минути возење по исклучително лош пат, направен само за машините за дупчење што работеа на ридот и по кој оди исклучително моќно теренско возило, стигнавме до првата карпа што ни го откри богатството. Патот буквално ја пресекол, со што послужила како дополнителен доказ за тоа дека богатството го има. Алово-жолти камења што се делат на парчиња, растурени по патот испаднати од нивната мајка-карпа чиј поголем дел останал во гребенот над патот. Глетката можеби и не е толку интересна додека професорот со шише вода не испрска дел од карпите. Тие веднаш буквално позеленеа и од жолто-црвени станаа сино-зелени.
- Оваа зелена боја покажува дека тука има бакар. Тоа се всушност карбонати на бакар, и тоа во големо количество, и претставуваат први индикации дека во карпите има бакар. Се разбира, меѓу нив има и злато, но во помало количество. Всушност, сега се наоѓаме некаде на подножјето на ридот што пред многу години бил формиран од вулкан, кој тука бил активен, а се издигал 3-4 километри над нас. Сега сме некаде во неговиот кратер, поточно во неговото дно, всушност она што останало од него - појаснува професорот Александров.
Милијарди тони земја
Иако е констатирано дека локацијата е богата со овие два драгоцени метали, сепак тие не се во форма на популарно наречена „златна жица“ т.е. во почиста форма набиени во слој, туку рамномерно се распоредени, распрскани и слеани во карпите.
- Иако ридот е на надморска висина од 878 метри, ние со огромна работа треба да го симнеме на висина од околу 170 метри, а тоа значи дека околу 700 метри од ридот треба да се исфрлат, што би значело околу милијарда тони земја да се дислоцираат за да се дојде до точката од каде што рудникот ќе почне да функционира како рудник - појаснува професорот Александров.
Во истражувањето за рудникот досега се вложени над 5 милиони долари. Заклучоците од досегашните истражувања на локалитетот укажуваат на потенцијал од 789 илјади тони бакар и 135 тони злато. Овие податоци јасно укажуваат дека потенцијалите на рудникот даваат можност за најмалку 25 години активна работа на рудникот и сериозен придонес кон развојот на локалната и националната економија. До крајот на годината, „Еуромакс“ ќе вложи над 10 милиони долари во развојот на локалитетот. Според процените, во наредните пет години инвестицијата ќе надмине 500 милиони долари, а се предвидува постепено директно да бидат вработени околу 500 лица.
- До крајот на годинава ќе се работи на изградба на инфраструктура што е потребна за механизацијата, како патишта, енергетски напојувања и подготовка на теренот за копање на површинскиот слој земја. Паралелно правиме уште длабински испитувања, кои ни ја појаснуваат геолошката слика на местото - вели професорот Александров.
Кога ќе се изгради рудникот, чиј почеток на работа треба да биде околу 2017 година, тој ќе биде еден од најголемите индустриски објекти во државава и најверојатно ќе се смета за еден од најголемите рудници за злато и бакар во Југоисточна Европа. Единствено приближно на неговиот габарит во наши граници ќе биде само РЕК „Битола“. Засега фирмата „Еуромакс“ има добиено концесија за експлоатација за наредните 30 години, со можност за продолжување на уште 30 според законот што е во сила.
Златна економска инјекција
Рудникот „Иловица“ во своето засега загарантирано 30-годишно работење ќе овозможи економска бенефиција не само за регионот околу Босилово туку значително пошироко. Целата држава ќе почувствува благодат од работењето и од продавањето руда. Освен петстотините вработувања, во околината се очекува да се развијат и другите дејности што ќе бидат во функција на рудникот. Градежништвото, рециклирањето отпад, енергетиката, прехранбената индустрија и зголемувањето на сместувачките капацитети во околината ќе придонесат овој дел од Македонија значително да заживее во наредниве децении. Благодатите, пак, од извозот на рудата во вид на даноци ќе ги почувствува целата држава. Засега отпаѓа идејата за топење на рудата кај нас и евентуално изградба на топилница за бакар и за злато.
- Рудата ќе ја извезуваме како суровина и ќе се топи можеби во некоја од соседните земји. Не сме за изградба на топилница само за еден рудник. Иако некои од компаниите што се во овој бизнис имаат развиено нова технологија за топење руда во фабрики без оџак т.е. по хемиски пат, засега таа технологија е строго чувана и патентирана а ние ја немаме откупено - појаснува професорот Александров.
За економскиот потенцијал се свесни и во самата општина Босилово, кои веќе забележале вработувања од околните села во потенцијалниот рудник, но апелираат и за зачувување на постојната инфраструктура.
- Ние сме свесни за економските потенцијали што се нудат со оваа инвестиција, но сакаме само да напоменеме до сите инвеститори што ја користат постојната инфраструктура да знаат дека ќе треба да инвестираат во неа доколку претрпи оштетувања. Јасно е дека ќе бидеме партнери со фирмите што работат кај нас, но сепак треба да ги заштитиме интересите на сите граѓани, па токму поради тоа велиме дека нашите патишта не се изградени за тешка механизација што ќе минува тука, поради што и бараме инвестиции во целокупната инфраструктура што сега ја нудиме на располагање - ни изјави Љупчо Коцев, градоначалник на општина Босилово.
Богата историјаПрвите истражувања на локалитетот Иловица се направени во 1932 година од страна на српскиот геолог Јован Жегарац, кој истражувал можни потенцијали на олово и цинк, во долниот дел на сегашниот локалитет. Во овој период воопшто нема сознанија за можни потенцијали на бакар и злато.
Експертски тим од Геолошкиот завод од Скопје во 1973 година утврдил минералошки појави и рудна минерализација што биле основа за иницирање нови геолошки испитувања на овој локалитет во една поширока смисла, укажувајќи на постоење на одредени потенцијали.
Во 2004 година почнуваат детални геолошки истражувања во рамките на концесијата за истражување на овој локалитет. Истражувањето се одвива на простор од 15 квадратни километри.
[/TD]
[/TR]
[/TABLE]