Турците сметаат дека Македонија има потенцијал за инвестиции од 9 милијарди долари
Среда, 16 Ноември 2011 12:32
Во Битола денеска се одржа средба на стопанственици од Регионалната стопанска комора и стопанственици од комората во општината Торбали која се наоѓа во турскиот град Измир.
Економската дипломатија е приоритет за секој амбасадор, посебно кога Владата на Република Македонија создава услови за инвестирање во државата, посочи македонскиот амбасадор во Турција Горан Тасковски, кој денеска престојуваше во Битола.
- Нашата основна задача е во државата каде ја вршиме нашата функција да ги истакнеме условите за инвестирање во Македонија. Уверен сум дека во наредниот период Битола ќе ги почувствува благодетите од нашиот ангажман во Турција бидејќи во овој град секојдневно престојуваат бизнисмени од Турција кои сакаат да инвестираат во оваа за нив нова стопанска дестинација во која се нудат поволности за вложувања, истакна амбасадорот Тасковски.
Во Битола денеска престојуваа турски бизнисмени заинтересирани за вложувања во прехранбената и текстилната индустрија, а се информираа и за состојбите во рударството.
- Во Битола сакаме да инвестираме во прехранбената и текстилната индустрија, како и во рудници кои имаат железна руда. Нашата проценка е дека во Македонија има потенцијал за да се инвестираат околу 9 милијарди долари, но за жал засега искористената квота се движи до 320 милиони долари. Нашата намера е да ја зголемиме таа квота на 1 милијарда долари, истакна Бехир Чинар, претседател на одборот на директори во комората на општина Торбали.
Турските стопанственици на денешната средба во Битола предочија дека извршиле истражувања и пресметки за цената на еден производ изработен во Македонија кој е значително поевтин поради пониските даночни обврски и затоа цврсто се решени да инвестираат во Македонија.
- Македонија е на чекор до влез во ЕУ и тоа нас ќе ни овозможи производите произведени во Македонија полесно да ги извезуваме на широкиот европски пазар. Ние сакаме пријателска Македонија да има полза од моќната турска економија која е на 16 место во светот, посочи Чинар.
Регионалната стопанска комора со седиште во Битола на денешната средба со бизнисмените од Турција ги презентираше потенцијалите за инвестирање и како што посочи претседателот на комората Благој Стојчев очекуваат поефикасна и поефективна соработка во наредниот период.
http://kurir.mk/makedonija/ekonomij...otencijal-za-investicii-od-9-milijardi-dolari