Нов клинички центар ќе се гради во срцето на Скопје
На просторот на кој се сместени скопските клиники ќе се изгради една или две нови згради во кои ќе се пресели најголемиот дел од клиниките
Новиот клинички центар ќе чини околу 50 милиони евра, ќе зафаќа површина од 50.000 квадратни метри, а се планира да биде готов за околу две години. Според планот, тој ќе се гради на просторот на старата Гинекологија.
Од Министерство за здравство објаснуваат дека треба да се одлучи дали ќе се гради една зграда со девет ката, или, пак, два објекти со по пет ката. На покривот на новиот објект треба да има хелиодром, а во близината - катна гаража.
Инвестицијата ја најави премиерот Никола Груевски, кој објасни дека пресметале оти нов објект ќе чини блиску колку и реновирањата на старите клиники.
- Изградбата треба да почне кон средината на наредната година. Имаме позитивен сигнал од Банката за развој при Советот на Европа, која го поддржа реновирањето. Објектот ќе ги собере сите клиники на едно место, освен три што по природата на својата функција е пожелно да бидат настрана - вели Груевски.
Во новиот простор нема да бидат сместени Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести и Клиничкиот стоматолошки центар. Хируршките клиники и новата зграда на Гинекологија, според плановите, со новиот простор ќе се спојат со топли ходници.
- Предмалку имавте можност да видите како носеа еден пациент под ведро небо на многу ладно време. Откако ќе се изгради овој објект, тоа нема да се случува - вели Груевски.
Тој истакна дека не се откажуваат од изградбата на клинички центар во Бардовци, меѓутоа тоа останува за подалечна иднина.
Тој рече дека уште не е решено што ќе се случи со старите објекти на клиниките и дека за тоа има различни размислувања.
- Само реновирањето на Интерни клиники треба да чини 20 милиони евра, а оваа цела зграда што ќе се изгради нема да чини повеќе од 50 милиони евра - додаде Груевски.
Автор: Н.Б.З.