КАДЕ СЕ МАКЕДОНСКИТЕ КОШАРКАРСКИ ХЕРОИ?
Меккелеб полни кошеви во Италија, Антиќ става рампи во Грција
Дури шестмина од репрезентативците кои играа на ЕП во Литванија ја продолжија спортската амбасадорска мисија во европските клубови, двајца се на принуден одмор, еден на подолга пауза, а четворица дома
Да се разбереме, кошарката е спорт за високите. Таа повикува во височините, меѓу ѕвездите. Требаше да се случи Литванија 2011 и Европа за светот да дознае дека постои уште една ѕвезда, кошаркарска, која блеска со сиот сјај и се вика Македонија.
Иако настапите на Евробаскетот нашата најдобра селекција ги заврши на четвртото место, сите стручњаци, познавачи на кошаркарската игра, се едногласни во оценките дека најголемото откритие во Литванија беа токму "црвено-жолтите". Сплотеноста, заедништвото, ја направи македонската приказна омилена и надвор од границите на Стариот континент. Дури и првиот кошаркарски музеј "Јонишкис" во Литванија, во кој свое место имаат само најголемите во националната кошаркарска историја и светот ја смести Македонија во неа како најголема сензација во историјата на Евробаскетот. Литванците, иако тажни, бидејќи Македонија им го скуси патот до медал, по поразот од "црвено-жолтите" покажаа задоволство што во овој историски момент се случи сензација токму во нивната земја. Македонските репрезентативци со целата своја скромност, топлина и пријателство станаа неодоливи и за најголемите. Дури во своите редови имаа играч кој на завршниот чин на ЕП 2011 се најде во идеалната петорка со Кириленко, Паркер, Наваро, Гасол. Станува збор за Бо Меккелеб, кој до пред една година немаше стапнато во Македонија, но гордо носејќи го дресот на нашата земја, стана најголем посвоен син, национален херој. Тоа најдобро го почувствува по враќањето во Скопје од Литванија со сите репрезентативци соиграчи, на незаборавниот дочек од 100.000 луѓе кои знаеја да го ценат трудот на нашите херои кои го постигнаа и најголемиот спортски успех во историјата на Македонија. На крајот претседателот на Македонија, Ѓеорге Иванов, им го врачи и Орденот за заслуги, а државата ги награди и парично со по осум илјади евра.
Сега кога стивнаа емоциите, многумина се прашуваат што прават кошаркарите еден месец без репрезентативни обврски. Дали добро се нафатираа по постигнатиот успех во старите-нови клубови, дали некои се уште одмораат, чекаат поволен ангажман...
Ви ја пренесуваме комплетната рендгенска снимка за сите оние кои не неправија големи, придонесоа да ја прослават Македонија, нејзиниот глас да се слушне во светот на спортот, кошарката.
ПЕРО АНТИЌ
Капитенот на македонската репрезентација по едногодишен настап во руската екипа Санкт Петерсбург се пресели кај нашиот јужен сосед Грција. Тој потпиша двегодишен договор за екипата на Олимпијакос, учесник во Евро лигата. Според официјалните податоци Антиќ годишно ќе заработува по 600.000 евра.
ЛЕСТЕР БО МЕККЕЛЕБ
Црномурестиот плејмекер по едногодишни успешни настапи за италијанскиот шампион Монтепаски од Сиена потпиша нов двегодишен договор со клубот, којшто ќе му гарантира 1.100.000 евра годишно. Бидејќи својот потпис го стави пред настапот на ЕП во Литванија, Меккелеб има причина за незадоволство, зашто со успешните игри на Евробаскетот сигурно ќе заработеше многу повеќе пари, особено ако се знае дека во меѓувреме се јавија многу екипи кои сакаа дури и да го откупат неговиот договор со италијанскиот првак.
ВЛАДО ИЛИЕВСКИ
Во последните две години настапуваше за најуспешниот тим од Словенија, Олимпија, но до продолжување на соработката не дојде, бидејќи тимот од Љубљана имаше сосема поинакви планови. Сепак, на Илиевски ваквиот одговор на луѓето од Олимпија едноставно му се погоди, бидејќи нашиот репрезентативец брзо најде нов ангажман и во новата натпреварувачка сезона игра за евролигашот од Турција, Анадолу Ефес, за годишна плата од 500.000 евра.
ПРЕДРАГ САМАРЏИСКИ
Тешкиот центар, кој по само дна година ја заврши одисејата во турската екипа Олин, благодарејќи на одличните игри во турското првенство најде уште поповолен ангажман. Самарџиски ќе игра за многу пореномираната литванска екипа Летувос Ритас во која годишно ќе инкасира 200.000 евра.
ДАМЈАН СТОЈАНОВСКИ
Втора сезона ќе игра кај нашиот источен сосед, во тимот на Лукоил Академик. Добро упатените велат дека во редовите на најдобрата бугарска екипа годишно заработува 50.000 евра.
ВОЈАН СТОЈАНОВСКИ
Близнакот со прецизна рака тргна по стапките на повеќе наши репрезентативци и по добрите игри во Фени индустри, кариерата ја продолжи во украинската екипа Черкаси за 40.000 евра. Оваа сума му е загарантирана за едногодишен настап.
ЃОРЃИ ЧЕКОВСКИ
Искусниот центар заврши со настапите во странство. Откако една година го носеше дресот на бугарската екипа Левски, тој се врати дома и потпиша едногодишен договор со МЗТ Скопје, кој има големи амбиции во новото национално првенство, за првпат во клупската историја да ја освои шампоснката титула. Тоа беше и основната причина поради која Чековски се врати во Скопје и за едногодишна верност на клубот ќе инкасира 40.000 евра.
ТОДОР ГЕЧЕВСКИ
Најмалерозниот наш играч на ЕП во Литванија заработи скршеница на раката и завршницата од првенството ја дочека на клупата од каде што ги бодреше соиграчите. На клупски план нема ништо ново, тој во грчката екипа ПАОК играше две сезони и иако годинава имаше солидна понуда од Левски, реши неговиот професионален, кошаркарски, ангажман да го стави во мирување, се додека целосно не ја санира повредата. Се појавија и гласини дека откако ќе закрепне, тој по вторпат ќе се врати во редовите на МЗТ Скопје (2000/2001). Но, тоа се само претпоставки, времето ќе покаже дали највозрасниот во репрезентацијата ќе продолжи да игра или ќе замине во пензија.
ДАРКО СОКОЛОВ
Кочанчанецот е повеќе од задоволен од сето она што го прикажува во редовите на актуелниот македонски првак Фени индустри. Токму затоа во моментов и не размислува за преселба во друг клуб, бидејќи и со 35.000 евра годишна заработувачка е задоволен.
МАРКО СИМОНОВСКИ
Еден од најмладите репрезентативци на Македонија во Литванија ги бодреше своите соиграчи од клупата за резервни играчи. Но, и тоа не беше пречка брзо да најде нов ангажман. По една година мината во Работнички тој реши да се пресели во редовите на актуелниот шампион на Македонија, Фени индустри, каде годишно ќе инкасира 15.000 евра.
ДИМИТАР МИРАКОВСКИ
Немаше многу шанси да игра на Евробаскетот во Литванија, а тоа можеби е и причина понудите за негов ангажман да бидат скромни. Оттаму реши да остане во редовите на Работнички, но за да биде поголем малерот, во националното првенство на мечот со Фени индустри заработи тешка повреда на коленото, па затоа ќе го пропушти останатиот дел од националното првенство.
ИВИЦА ДИМЧЕВСКИ
Во последен момент влета во репрезентацијата на Македонија за ЕП 2011, откако центарот Кирил Николовски беше принуден да се повлече поради проблеми со забите. Немаше соодветна минутажа во Литванија и сега афирмацијата ја бара во редовите на засилениот македонски прволигаш Торус СЦБТ, којшто годишно ќе му исплати 10.000 евра.
МАРИН ДОКУЗОВСКИ
Под негово водство Македонската кошаркарска репрезентација го постигна најголемиот успех во историјата на македонската кошарка освојувајќи го 4. место на ЕП во Литванија. Веднаш по настапите во Литванија заврши и двегодишниот договор на Докузовски со челниците на Македонската кошаркарска федерација. Веднаш по враќањето од Литванија тој најави дека сака да ужива во сите успеси на македонската кошарка, притоа не размислувајќи за никаков клупски ангажман. Марин го спроведува тоа во целост и моментно се одмора. Можеби по Нова година нешто ќе се случи, но засега ниту размислува за преселба во некој клуб, ниту пак за репрезентацијата, која треба да игра дополнителни квалификации за учество на Летните олимписки игри во Лондон.