Полицаецот во момчињата пукал во самоодбрана
Полицаецот (Ј.Т.) кој не бил на должност со пиштол смртно застрела две момчиња во расправија за паркинг-место попладнево во Гостивар. Убиени се гостиварците Бесник Шехапи (26) и Имран Мехмеди (30). Тие биле застрелани во близина на своите домови по банална расправија со сосед вработен во МВР.
Полицијата истакна дека двојното убиство се случило во самоодбрана. Осомничениот се враќал во својот дом заедно со малолетната ќерка кога пред влезот од зградата почнал расправија за паркинг-место со четири лица кои живееле во истото соседство. Тој по убиството самиот се пријавил во Полициската станица во Гостивар.
Двојното убиство се случи на улицата Kеј Вардар во близина на салонот за мебел „Монтенгро“. Екипата на „Дневник“ беше на местото на злосторството половина час откако низ чаршијата се разбра за трагичниот настан. Дел од соседите, видно потресени од настанот, се обидуваа да дознаат нешто повеќе. Набрзо потоа почна увид од страна на истражен судија, јавен обвинител и крим-техника. Во меѓувреме, потресени и во шок доаѓаа роднини на убиените момчиња, кои поради увидот не беа пропуштани од полицијата, која го обезбедуваше местото.
Во истрагата е вклучен и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.
- Заради обезбедување дополнителни информации, со оглед на фактот дека осомничениот е полициски службеник вработен во полициската станица за обезбедување на државната граница Маздрача, првичните информации велат дека осомничениот не бил на должност. Toj бил во цивилна облека, со цивилно возило ја земал ќерка си од училиште со намера да ја однесе дома. Од тоа што првично е утврдено од увидот, дефинитивно е пукано од службениот пиштол што го поседувал осомничениот - изјави помошник-министерот за односи со јавноста при МВР, Иво Kотевски.(З.Г.М.)